Касами на Фејсбук напиша „Mirë se erdhët në kryeqendrën shqiptare në Maqedoninë e Veriut“ што автоматскиот превод на македонски го преведува „Добре дојдовте во албанскиот главен град во Северна Македонија“. Тоа предизвика лавина реакции по кои вечерва реагираше градоначалникот на Тетово и лидер на Движењето Беса
Не се работи за никаков „главен град“ туку за „центар“ на Албанците во Северна Македонија, коментира градоначалникот на Општина Тетово и лидер на Беса, Билал Касами, за „360 степени“, по бурните реакции во јавноста оти во објава на Фејсбук го нарекол Тетово „албански главен град во Северна Македонија“.
Во фејсбук-објавата Касами на албански јазик пишува:
„Mirë se erdhët në kryeqendrën shqiptare në Maqedoninë e Veriut!“.
Што, пак, автоматскиот превод од албански го преведува на македонски како:
„Добре дојдовте во албанскиот главен град во Северна Македонија!“.
Главен град на албански е „kryeqytet“.
Во реакцијата на Касами, која до „360 степени“ ја испратија службите од Општина Тетово, се наведува дека во фејсбук-објавата е јасно наведено тоа што требало да биде кажано.
„Во објавата стои многу јасно тоа што сакавме да го кажеме. Тоа е реалноста, а тие што сакаат да ја злоупотребат, се обидуваат да ѝ дадат друга насока“,
е ставот на градоначалникот на Општина Тетово.
Во објавата на Касами, која предизвика бура реакции во јавноста, тој им посакува добре дојде на дваесетина градоначалници Албанци од регионот кои биле во посета на Тетово.

Граѓани кои оставаа коментари под објавата на Касами, му порачаа да ги решава проблемите во „една од најлошо менаџираните општини во државата“ наместо да се занимава со национализам, но и да не бара втор мандат.
Реагираа и Општинската организација на СДСМ од Тетово, Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово и Либерално-демократската партија (ЛДП).
„Недостојно е за еден градоначалник кој својата плата ја зема од парите на тетовчани кои се и Македонци и Албанци и Турци и Срби, Роми и останати, да споделува вакви ставови фаворизирајќи една етничка група. Да го потсетиме градоначалникот Касами дека на таа функција дојде благодарение на поддршката која му ја даде ВМРО-ДПМНЕ, односно со помош на македонските гласови“,
порачаа од Општинската организација на СДСМ од Тетово, додавајќи дека за ваквите ставови на Касами очекуваат осуда и од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово, пак, се наведува дека промоцијата на Тетово како центар на една заедница подразбира дискриминација на македонскиот народ и на сите други кои живеат во овој град. Велат дека улогата на градоначалникот е да создава еднакви можности за сите без разлика на националната и верската припадност.
„Градоначалникот Касами има мандат да ги следи трендовите на европските градови, а сите заедно сме тука да работиме и да придонесеме Тетово да прерасне во град во кој младите ќе сакаат да живеат, а не град од кој си заминуваат. Се надеваме дека градоначалникот Касами веќе ја увидел тежината на зборовите во неговата објава и дека е свесен за негативните реакции кај неговите сограѓани Македонци“,
велат од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово.
Од ЛДП порачаа дека Македонија е мултиетничка држава и Тетово е и ќе биде мултикултурен град, а не главен град на Албанците.
„Во недостаток на идеи и проекти дел од опозициските партии продолжуваат да играат на картата на национализмот и да се обидуваат да ги влошат меѓуетничките односи и да ги разнишаат европските вредности. Симптоматично e тоа што оваа објава доаѓа само неколку недели по барањето за формирање Заедница на албански општини, по теркот на она што се договара за Косово, барање кое дојде од Алтернатива, уште една опозициска партија од албанскиот политички блок“,
велат од ЛДП.
Според соопштение од Општина Тетово, објавено на фејсбук-страницата на Општината, Касами денеска одржа средба со градоначалниците на општини во Косово и градоначалникот на општина Бујановац (Србија), на која се разговарало за реализација на заеднички проекти и за продлабочување на меѓусебната соработка.
