Владата работи на тоа да се обезбеди поддршка за уставните измени од сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, не само од осуммина. Ако ВМРО-ДПМНЕ е определена за европска Македонија, тогаш ќе ги поддржи уставните измени, порача Груби. За одрекувањата од страна на нивниот лидер Христијан Мицкоски, Груби рече: „Мицкоски не е пратеник, а сите знаеме каква беше лојалноста во минатиот парламентарен состав“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, викендов од Охрид уште еднаш испрати порака дека уставни измени, во овој пратенички состав, нема да има и дека ова не е времето кога власта можела да се договара со уценети политички структури
ВМРО-ДПМНЕ јасно стои на ставот за прашањето на уставните измени уште од самиот почеток. Нашиот став е принципиелен и тој е споделен со јавноста од почетокот на процесот, од 2022 година кога кажавме дека ваквиот предлог е неприфатлив за нас и ова прашање од 2022 г. е затворено за нас и секое навраќање на власта на ова прашање го гледаме како тема којашто е бегање од главните проблеми што ги имаат граѓаните во Македонија, изјави денеска за ,,Лидер” генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Ѓорѓија Сајкоски.
„Јас сум пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и можам да порачам дека нема да гласам за уставните измени. Нашиот став е принципиелен и тој е споделен со јавноста од почетокот на процесот. Во однос на францускиот предлог ние, исто така, принципиелно кажавме кога се разговараше за него дека не бевме поканети да учествуваме во креирањето, изготвувањето, не бевме истретирани ниту потоа да разговара некој од власта и сега првично Артан Груби, Бујар Османи, Ковачевски и сите од власта кажуваа дека во октомври ќе биде ова прашање затворено, помина октомври, па потоа декември, па во март, еве и март ќе помине, сега доаѓа јуни, Маричиќ кажува во мај, Османи кажува во јуни, еве јас да ви кажам дека нема да има уставни измени во коишто ќе учествува ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Сајкоски.
Неговата изјава доаѓа по вчерашниот настап на првиот вицепремиер Артан Груби на ТВ Телма во кој рече дека Владата работи на тоа да се обезбеди поддршка за уставните измени од сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, не само од осуммина. Ако ВМРО-ДПМНЕ е определена за европска Македонија, тогаш ќе ги поддржи уставните измени, порача Груби. За одрекувањата од нивниот лидер Христијан Мицкоски, Груби рече: „Мицкоски не е пратеник, а сите знаеме каква беше лојалноста во минатиот парламентарен состав“.
„Не да сум оптимист, убеден сум дека ќе успееме, планот ни е одличен, многу амбициозен и реален за имплементација и реализација. Знам дека има скептици, сакате гола математика и да броите пратеници како да се стигне до 80, но знаете дека досега се што сме кажале испаднало така и дека се реализирало. Ќе бидеме креативни, флексибилни и сметам дека ќе се изнајде решение за овој проблем, но не мислам дека треба да има методи како уцени, не сум за тоа, но ние сме лидери кои треба да донесеме храбри одлуки кои се непопуларни за нас, но за добро на државата“,
рече Груби во гостувањето во „Топ тема“.
Министерот за надворешни работи, пак, Бујар Османи синоќа рече дека ќе биде лошо доколку уставните измени не поминат бидејќи во тој случај ќе сопрат преговорите со Европската Унија.
„Многу лошо ќе биде ако не поминат уставните измени. Лошо ќе биде за државата. Ако не поминат уставните измени, запираат преговорите. Потоа ќе биде доцна за сè. Наредна година има избори и во ЕУ, тоа значи дополнителни компликации“,
рече Османи во емисијата „Клик плус“.
Тој информираше дека Владата наскоро ќе отвори јавна дебата за уставните измени.
„Верувајте, кога ќе се објават предлозите, кога ќе ги прочитаат формулациите, толку многу ќе се растоварат, кога ќе видат дека се работи само за технички работи, кога ќе видат дека Бугарите и сега ги има во Уставот, ќе треба само да ги именуваме со име, јас мислам дека ќе рефлектираат сите, дури и тие што се против!“,
порача Османи.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ пред два дена информира дека Владата деновиве, до сите политички партии, ќе испрати писма преку кои ќе им побара да номинираат експерти во кои тие веруваат, за да бидат дел од групата за уставните измени со кои Бугарите и други заедници ќе се вметнат во Уставот.
„Во наредните денови ќе објавиме кои имиња ќе ги поканиме во експертската група за уставните измени. Ќе испратиме и писма до сите политички партии во Собранието да номинираат експерти или личности на кои им веруваат да бидат во таа комисија. Сакаме да покажеме дека нема што да криеме и дека нема тајни клаузули“,
рече Маричиќ.
Тој посочи и оти Владата е подготвена опозицијата да ги формулира уставните амандмани, како што тие мислат дека треба, во согласност со преговарачката рамка, за да стекнат доверба во процесот дека нема ништо тајно.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, викендов од Охрид уште еднаш испрати порака дека уставни измени, во овој пратенички состав, нема да има и дека ова не е времето кога власта можела да се договара со уценети политички структури.
„Уставни измени во овој пратенички состав под бугарски диктат и во овие околности нема да има. Тоа што го прави власта е процес којшто на крајот ќе се удри во ѕид, односно ќе заврши неуспешно. Бидејќи ние предупредуваме веќе подолго време, ако се сеќавате, откако во јули минатата година во 2022 година одлучија да го направат тоа што го направија, предупредивме дека тоа што го преземаат како обврска од името на сите нас, не само што немаат кредибилитет туку и не можат физички да го поминат. Тогаш, се сеќавате, правеа некакви реминисценции и потсетувања од времето на Преспа, но ги предупредивме дека е друго време, дека ова не е времето кога можеа да се договараат со одредени уценети политички поранешни структури коишто, за жал, функционирале во ВМРО-ДПМНЕ. Такви нема сега повеќе“,
нагласи Мицкоски.
За да се осигури во лојалноста на своите пратеници, Мицкоски ги натера да потпишат и изјави на нотар дека нема да гласаат за уставни измени.
„Јас (име и презиме) пратеник во македонското Собрание, со мандат добиен од македонските граѓани на парламентарните избори во 2020 година, под полна морална, материјална и кривична одговорност, изјавувам дека:
Нема да гласам за промена на македонскиот устав (’Службен весник на Република Македонија‘ бр.52/1991) со цел внесување на бугарскиот народ во преамбулата или во било која одредба од истиот, ниту ќе поддржам било каква иницијатива, предлог или заклучок кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава.
Оваа моја изјава е дадена со чиста совест и истата е неотповиклива“,
се заколнаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ лани во јули.
Потпретседателот на партијата Александар Николовски лани во ноември во интервју за „360 степени“ рече дека патриотска должност на ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде на власт ќе биде да направи најдобро за државата, дека нема да го прифати „понижувачкиот француски предлог“ и порача дека ништо не е конечно, односно дека Преговарачката рамка за ЕУ може одново да се преговара.
„Ништо не е Библија, ништо не е непроменливо, секоја работа може повторно да се седне, да се разговара и да се преговара“,
изјави Николоски.
Надежите за некакво повторно преговарање и договарање на нова рамка за преговори со ЕУ, минатата недела во Скопје ги згасна високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел. Тој од заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски јасно порача – договорот е најдобрата зделка, не е реалистично да очекувате дека може да се репреговара.
„За да стигнете во Европската Унија, вие треба да продолжите да одите нанапред и како држава и како општество. Да се оди нанапред значи и подобрување на односите со вашите соседи. Тука спаѓа и да се создадат услови да се усвојат уставните измени. Оваа година е клучна. По договорот од јули минатата година ова е најдобрата зделка што можете да ја добиете. И не е реалистично да очекувате дека ова ќе се реотвори за нови преговори. На таа основа, вашата иднина е во Европската Унија“,
порача Борел.
Тој нагласи дека да се оди нанапред значи да се продолжи со усвојување и имплементирање реформи кои воведуваат европски стандарди и кои носат конкретни политички и економски поволности за луѓето тука.
„Сега е време сите политички партии да си ги преземат своите обврски и искрено да работат на продолжување на оваа патека“,
беше дециден Борел.
Претседателот на Собранието Талат Џафери неодамна информираше дека постапката за уставни измени би требало да почне најдоцна во јуни или јули годинава за да заврши до ноември, кога завршува и скринингот од ЕУ.
„Дискусијата на утврдени предлог измени на Уставот може да почне во Собранието во септември, за да може евентуалното донесување да се поклопи со рокот во ноември кога треба да финишира европскиот скрининг. Крајните рокови за формирање на текстот на предлог измените на Уставот со кои ќе се вметнат Бугарите во Преамбулата може да биде во летните месеци, односно во јуни или јули, по што е потребно да помина најмалку еден месец за усогласување за веќе во септември да се отвори јавна дебата на собраниска седница“,
рече Џафери.
Проблемот е што за уставни измени засега нема двотретинско мнозинство од најмалку 80 пратеници.