Груби, пред да го објави видеото со распеаниот Ахмети, на Фејсбук го најави вечерашниот митинг што ДУИ ќе го одржи во Чаир

Првиот вицепремиер Артан Груби на својот фејсбук-профил објави видео на кое лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пее патриотска песна заедно со косовскиот пејач Илир Шаќири.
Во описот на видеото Груби пишува „Нацијата е прва меѓу нас вечерва! Заедно за ЕУ.“
Груби, пред да го објави видеото со распеаниот Ахмети, на Фејсбук го најави вечерашниот митинг што ДУИ ќе го одржи во Чаир. Тој во најавата за митингот ветува невиден спектакл, особено за младите.
„Не пропуштајте зашто потоа ќе барате да слушнете од другите како беше да се биде дел од историскиот митинг каде ќе се гради иднината“,
напиша Груби.
На денешниот собир во Чаир, кој е закажан за 19 часот кај спортската сала „Шабан Трстена“, ќе присуствува и лидерот на интегративците Али Ахмети.
Митингот на ДУИ според премиерот Димитар Ковачевски спаѓа во опсегот на нормални активности на секоја политичка партија и во тој контекст им посака успех на интегративците.
Големиот митинг на ДУИ доаѓа по минатонеделната онлајн кампања „Да, тој доаѓа“ која предизвика серија реакции во јавноста и која во дел од политичките кулоари се протолкува како најава за избори и доаѓањето на премиер Албанец на чело на техничката влада 100 дена пред одржувањето на парламентарните избори.
Инаку, митингот на чело со Ахмети ќе се одржи во упориштето на т.н. „огнена група“ на ДУИ, која подолг период бара смена на првиот вицепремиер Артан Груби, но и на други функционери на ДУИ од партиските органи и од извршната власт поради, како што тврдат, нереализираната партиска програма.