Не велам дека ако нема потпис (во Охрид, н.з.), тогаш сме потпишале неспогодба, но и не можам да кажам дека без потпис ќе може да се нарече договор во целосна смисла, вели косовскиот премиер во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат
Изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека не планира ништо да потпише во Охрид не е конструктивен пристап, коментира косовскиот премиер Албин Курти во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат.

„Ја слушнав изјавата дека априори се одбива потпишување договор во Охрид, јас не мислам дека е конструктивен пристап. Истовремено не мислам дека ова докажува посветеност. Ние имаме потреба да изразиме надеж и оптимизам за целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Одржуваме средби на високо ниво, посредува ЕУ која е најважниот политички, економски проект и најважниот процес, како историски така и геополитички во Европа и, би рекол, на целиот свет, по завршување на Втората светска војна. Затоа, треба да се земе посериозно утрешната средба“,
рече Курти.
Според најавите, на состанокот на кој ќе посредува високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, а чиј домаќин е македонскиот премиер Димитар Ковачевски, се очекува да се разговара за анексот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој се однесува на имплементација на договорот што начелно беше одобрен од двете страни.
Средбата во Охрид е продолжение на состанокот што Курти и Вучиќ го имаа на 27 февруари во Брисел, по кој беше соопштено дека двете страни се согласиле дека не се потребни понатамошни разговори за текстот на договорот за нормализација на односите, а документот потоа беше објавен на официјалната интернет-страница на ЕУ.

„Не велам дека ако нема потпис, тогаш сме потпишале неспогодба, но и не можам да кажам дека без потпис ќе може да се нарече договор во целосна смисла. Затоа, повторувам дека ќе бидам посветен, конструктивен и креативен, и дека одам со волја, со цел и добра верба, но ова не можам да го гарантирам и за другата страна“,
рече косовскиот премиер.
*ПОВЕЌЕ ВЕСТИ ОД ГОСТУВАЊЕТО НА КУРТИ ВО „360 СТЕПЕНИ“:
Пред утрешната средба со Вучиќ, Курти препознава симболика во Охрид и Преспа
Курти за ЗСО: Србија сака кафе без филџан
Дали Курти го смени партнерот меѓу партиите на Албанците во Македонија?
Курти за косовското искуство со „Бехтел и Енка“: Имаше надуени цени и нетранспарентност
*ДРУГИ ПОВРЗАНИ ВЕСТИ СО УТРЕШНАТА СРЕДБА ВО ОХРИД:
(ВИДЕО) Со какви очекувања Борел отпатува за Охрид: Сите очи се вперени таму
Вучиќ во пресрет на средбата со Курти: Не планирам ништо да потпишам
(ФОТО+ВИДЕО) И Ескобар пристигна во Охрид за средбата меѓу Вучиќ и Курти
Собир на десничарите во Белград пред доаѓањето на Вучиќ во Охрид: „Не капитулирај“