„Денеска е петиција, утре-задутре сигурно ќе има и други механизми, демократски. Ние сме искусни во политиката, секој ден сме со граѓаните и ќе најдеме начин да победиме и овој пат“, изјави предводникот на „огнената група“ Изет Меџити вечерва од Тетово
„Огнената група“ од ДУИ најави онлајн петиција за смена на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

Предводникот на „огнените“, Изет Меџити, во изјава за ТВ Телма вечерва од средбата со огранокот во Тетово изјави дека ќе ги искористат сите демократски средства кои им се на располагање за да се слушне гласот на народот, притоа не потенцирајќи што понатаму со ваквата петиција.
„Денеска е петиција, утре-задутре сигурно ќе има и други механизми, демократски. Ние сме искусни во политиката, секој ден сме со граѓаните и ќе најдеме начин да победиме и овој пат. Прво рекоа дека само двајца-тројца се незадоволни, потоа излезе само во Чаир и Сарај. Сега гледаме дека и во Тетово и секаде луѓето, гласачите, структурата се незадоволни од владеењето на Груби и другите“,
изјави Меџити.
Тој тврди дека членовите што не се истомисленици со Груби веќе трпат некакви притисоци.
Коментирајќи ја кампањата на ДУИ под слоганот „Тој доаѓа“, која експресно се рашири низ социјалните мрежи, Меџити вели дека е резултат на паниката во партијата, зашто собирите кои ги прави „огнената група“ се многу посетени, па на тој начин, како што вели, сакаат да ја сензибилизираат јавноста.