Последната средба помеѓу Вучиќ и Курти се одржа на крајот на февруари во Брисел, а следната треба да биде на 18 март во Охрид

Србија и Косово треба да го искористат моментот и да го прифатат планот на Европската Унија (ЕУ) за нормализација на односите, што е клучно за стабилноста на целиот регион, изјави претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен.
„Постои план на ЕУ за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина. Мислам дека тоа е шанса за двете страни да го искористат моментот бидејќи нормализацијата на односите е од клучно значење за безбедноста, стабилноста и просперитетот на регион“,
изјавила Фон дер Лајен во разговор со дописниците на новинските агенции што учествуваат во проектот за заедничка европска редакција ЕНР (European Newsroom), јавува Хина.
Последниот состанок помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти се одржа на 27 февруари во Брисел со посредство на ЕУ. Тогаш високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел изјави дека двете страни го прифатиле понудениот договор и дека постојат разговори за негова имплементација.
Вучиќ, пак, тогаш порача дека Србија нема да се согласи на членство на Косово во Обединетите нации иако во договорот е наведено дека Белград нема да го блокира тоа.
Курти тврдеше дека бил подготвен веднаш да го потпише основниот договор, а Вучиќ рече дека тоа не доаѓа предвид додека Косово не ги исполни обврските за формирање Заедница на српски општини (ЗСО) предвидена со Бриселскиот договор од 2013 година.
Следната средба помеѓу двајцата треба да се одржи претстојниот викенд на 18 март во Охрид, а во присуство на Борел кој доаѓа во посета на Северна Македонија. Брисел, како што пишува Хина, очекува да се постигне договор за планот за спроведување на основниот договор за нормализација на односите или, барем да има значаен напредок во преговорите.