Според контекстот во кој Муцунски ги изнесува овие тврдења станува збор за шпанската компанија „Ептиса“, која е една од четирите фирми, покрај италијанската ИРД и домашните „Евро консалтинг“ и „Електра солушн“, што го сочинуваат конзорциумот кој го доби тендерот за надзор на изведбата на автопатите што ќе ги гради америкаско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5 ги коментираше сомнежите во врска со добитниците на тендерот за надзор на изградбата на Коридорите 8 и 10-д, посочувајќи дека за една од фирмите кои се дел од конзорциумот сега излегуваат информации дека е длабоко поврзана со сомнителен кинески капитал.

Според контекстот во кој Муцунски ги изнесе овие тврдења, станува збор за шпанската компанија „Ептиса“ која е една од четирите фирми, покрај италијанската ИРД и домашните „Евро консалтинг“ и „Електра солушн“ што го сочинуваат конзорциумот кој го доби тендерот за надзор на изведбата на автопатите што ќе ги гради америкаско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Изминатите денови за дел од овие фирми беа објавени повеќе новинарски истражувања. Едно од нив беше на „Призма“ во кое се наведува дека за Бранислав Димитриевиќ, македонски државјанин, е поднесено обвинение во Ерменија за изградба на патна инфраструктура таму каде бил ангажиран во конзорциумот „Савеж-Ептиса“. Алсат ТВ, пак, објави дека за „Ептиса“ Владат донела одлука со која на сите државни институции и општини им забранила да ја ангажираат компанијата на тендери вредни над 1 милион евра поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Белаковце. Одлуката била укината околу 10 недели подоцна.
„Спорното е самата промена на спецификацијата во сред постапка и спорното е дека една од компаниите кои се дел од конзорциумот е компанија за која оваа иста влада, пред 2 години на сите институции им кажале дека заради незаконски и нерегуларно постапување не треба со оваа компанија да се соработува. Индициите треба да се истражат. Треба да имаме почитување на законите и транспарентност. Сомнежите кои се јавуваат за лица кои имаат корупција и криминал ја загрижуваат јавноста“,
рече Муцунски.
За тоа дека „Ептиса“ е поврзана со кинески капитал денеска во изјава за медиумите зборуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека од 2016 година сопственик на шпанската компанија „Ептиса“ е кинеска компанија и дека во нејзниот менаџмент, односно генералниот директор е Кинез.

„Исто така, има записник од истата Влада во февруари месец 2021 година сите важечки договори со истата оваа компанија ‘Ептиса’ да бидат раскинати и еве ќе кажам нешто ексклузивно можеби денеска од овде, а тоа е ако зборуваме за компании што имаат источен капитал, тогаш треба да бидеме до крај чесни, бидејќи Владата вчера обвинуваше и тогаш претпоставувам дека мислеше на самата себе, бидејќи од 2016 година сопственик на шпанската компанија ‘Ептиса’ е кинеска компанија и во менаџментот на компанијата ‘Ептиса’ односно генералниот директор на компанијата е Кинез, сопственичката структура, сопственик повторно е кинеска компанија. Е сега ако има некоја држава поисточно од Кина, тогаш треба да прецизираат која е таа. Така што, кога ја лажат македонската јавност треба да се свесни дека се лажат и себеси“,
истакна Мицкоски.
Tоj рече дека станува збор за прв случај во светската историја во кој кинеска компанија врши надзор на работи кои ги врши американска компанија.
„Ова е можеби за првпат во историјата, во светската историја зборувам, кинеска компанија да врши надзор на работи кои што ги врши американска компанија. Е сега не знам дали се луѓето од американската администрација свесни за ова, но претпоставувам дека после денешната изјава ќе бидат свесни“,
рече Мицкоски.
Сепак, информациите на Мицкоски не се ексклузивни, барем што се однесува до сопствеништвото на „Ептиса“. Вчера „Призма“ објави дека според податоците од Централниот регистар, сопственик на македонската подружница на ,,Ептиса” е „Ептиса сервициос де ингенериа СЛ Шпанија“.
Во тековната состојба на вистински сопственици на субјект извадена од Централниот регистар, сопственик на Ептиса сервициос де ингенериа СЛ Шпанија“ е кинеската ,,ЈСТИ Груп” со 99,8 отсто од капиталот. Тие се сопственици на „Ептиса“ од 2016 година. Промени во Централниот регистар за „Ептиса“ до денес – не се регистрирани.
На вчерашната прес-конфереција по потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10-д и премиерот, Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби уверуваат дека „Ептиса“ не е истата компанија како во 2020 година за која Владата донесе, па ја повлече одлуката да се ангажира во тендери над еден милион евра бидејќи ја сменила сопственичката структура.
„Цело време од прв ден кога сум дојден зборувам нешто како да се направи. Цело време од прв ден кога сум дојден се соочувам со кочници, цел ден опозицијата нешто блокира, цел ден вади лажни вести, се шири некаква хистерија и од проект во кој има 1,3 милијарди евра со обезбедено буџетско финансирање, со поддршка од САД, кај нас главна тема е дали некој некаде во некоја држава имал кривична пријава, па ако имал кривична пријава веднаш нека му се поднесе и тука кривична пријава па нека го провери обвинителството“,
изјави вчера премиерот Ковачевски.
Првиот вицепремиер рече дека „Ептиса“ ја сменила сопственичката структура и дека станува збор за сосема нова компанија.
„Само брендот е останат ист заради референците кои ги има претходно“,
рече Груби.
Тој побара од новинарите да не етикатираат, туку ако имаат некаква информација да ја достават до обвинителството.
Инаку, со Бранислав Димитриевиќ, за кого „Призма” објави дека ерменското обвинителство покренало обвинение токму во врска со неговиот ангажман во „Савеж-Ептиса“, се поврзува и фирмата „Евро консалтинг“.
Вчера на прес-конференцијата, Дарко Спировски, управител на поддружницата на италијанската фирма ИРД во Македонија, која го предводи конзорциумот за надзор, рече дека според информациите што ги имале тогаш и сега, Бранислав Димитријевиќ, не бил вклучен во соопственичката структура на фирмата „Евро консталтинг“ кога го склучувале договорот за конзорциум со неа.
„`За Евро консталтинг` ако прашувате, `Евро консалтинг` и `Eлектро солушн` се нашата локална поддршка, кога го склучивме договор и според информациите што ги имавме тогаш и сега, тој човек за кој претходно се разговараше (Бранислав Димитриевиќ н.з.) не е вклучен во сопственичката структура кога ние го склучивме договорот за конзорциум кога ја поднесувавме понудата“,
рече Спировски.
Меѓутоа, според брзата проверка која „360 степени“ ја направи во податоците во Централниот регистар, Димитријевиќ никогаш не бил исклучен од сопственичката структрура на фирмата „Евро консалтинг“.
Што се однесува до „Ептиса“, по пишувањата на „Призма“ во понеделникот со реакција се јавија од компанијата која беше насловена „Официјален демант“. Во само генерално ги осудија „невистинитите, неточните и навредливите информации“, без притоа конкретно да кажат што е невистинито во новинарското истражување и медиумските објави што следуваа потоа.
Следниот ден, односно во вторникот следеше уште една реакција од истата фирма во која го демантираа ерменското обвинителството потенцирајќи дека Димитриевиќ никогаш не бил ангажиран или вработен во „Ептиса“.
Засега нема реакција од компанијата во врска со наводите на раководството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека фирмата е поврзана со сомнителен кинески капитал.