На седницата, која е прва од ваков тип, пратениците усвоија неколку заклучоци. Дел од нив предвидуваат усвојување на нов родово сензитивен Деловник до крајот на 2023 година, усвојување на законот за родова еднаквост и формирање на секретаријат до крајот на годинава, како и законска регулација на онлајн просторот за спречување на говорот на омраза
Педесет и една пратеничка од актуелниот пратенички состав, нивните колеги пратеници, но и актуелни министерки и заменик-министерки во Владата, како и претставници на дипломатскиот кор и невладини организации, денеска симболично го одбележаа Меѓународниот ден на жената присуствувајќи на првата собраниска седница посветена на унапредување на родовата еднаквост.

На седницата, која е прва од ваков тип, пратениците усвоија неколку заклучоци. Дел од нив предвидуваат усвојување на нов родово сензитивен Деловник до крајот на 2023 година, усвојување на законот за родова еднаквост и формирање на секретаријат до крајот на годинава, како и законска регулација на онлајн просторот за спречување на говорот на омраза.
Дел од усвоените заклучоци предвидуваат и:
- Измена и дополнување на Изборниот законик во правец на постигнување на целосна родова еднаквост на листите за пратеници и советници;
- Измена и дополнување на Законот за Влада преку воведување на најмалку 40 проценти од помалку застапениот пол во извршната власт;
- Измена и дополнување на Изборниот законик и воведување на квота 30 проценти од помалку застапениот пол за избор на градоначалници;
- Следење на имплементацијата на законските решенија поврзани со родовите прашања во согласност со Планот за родово сензитивно Собрание 2022-2024 година.
Заклучоците од денешната седница ќе бидат доставени до Владата.

Со денешната седница, на која освен 8 Март, симболично беше одбележана и 20-годишнината од постоењето на Клубот на пратенички, претседаваше претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Тој во воведното обраќање истакна дека во законодавниот дом се усвоени значајни законски измени во насока на изедначување, подобрување, заштита, унапредување и вреднување на статусот и придонесот на жената како рамноправен член во општествената заедница за да нема дискриминација, нееднаквост, ексклузивност на мажите наспроти жените и последната новина, односно, Родово одговорното буџетирање.

„Собранискиот претседател упати порака до сите жени – да бидат гласни, храбри, бестрашни водилки во градењето на похумано, демократско и рамноправно општество, во кое важноста, вредноста и придонесот во семејството, општеството и државата е неприкосновена“,
се наведува во соопштението од собраниските прес-служби.
Од собраниската прес-служба информираа дека дополнителна активност за одбележување на 8 Март била и пригодната свеченост одржана во Кристалната сала на која собранискиот претседател истакнал дека Клубот на пратенички е уникатен спој на моќ и здружување на различни политички сили во една и единствена опција за подобар, похуман свет и изрази почит за досега постигнатите успеси на Клубот.
На свеченоста, како што се посочува во соопштението, се обратиле и други присутни, а биле доделени и благодарници за дадениот придонес.