Жените кај нас, сметаат од Платформата, се соочени со политиките што не ги препознаваат нивните потреби, со институции што не ги заштитуваат, со механизми што се слепи кон потребите за унапредување на родовата еднаквост и со култура на насилство и мизогинија
„Ќе преживеат ли жените овде?“ е слоганот под кој денеска ќе се маршира во центарот на Скопје, а по повод Меѓународниот ден за политичка и општествена борба за рамноправност на жените – 8 Март.
Протестниот марш го организира Платформата за родова еднаквост и тој, велат, е одраз на случувањата во нашата земја и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед.
„Во 2023 година жените и девојките сѐ уште се дискриминирани во секој поглед и не остваруваат ниту еднакви права, ниту еднакви можности, ниту дома, ниту на работа, ниту во политиката, ниту во социјалниот живот“,
велат од Платформата.
Жените кај нас, сметаат од Платформата, се соочени со политиките кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции што не ги заштитуваат, со механизми што се слепи кон потребите за унапредување на родовата еднаквост и со култура на насилство и мизогинија, па затоа гласно ќе прашаат „Ќе преживеат ли жените овде?“
Протестниот марш треба да започне во 18 часот од плоштадот „Филип Втори“, а ќе заврши во паркот „Жена борец“.