Денеска увидни екипи на Министерството за внатрешни работи, според насоките дадени од јавниот обвинител, вршат детален увид на патот кон Горно Оризари каде што уште синоќа било лоцирано запаленото возило „ауди а6“ со кое се претпоставува дека напаѓачите побегнале по пукањето во Старата скопска чаршија
Во меѓувреме, согласно издадените наредби на јавниот обвинител, треба да бидат извршени разговори со ранетиот во нападот, но и со други лица кои биле присутни во локалот
Снимките од видеонадзорот на угостителскиот и на соседните објекти, како и оние од системот „Безбеден град“ се дел од материјалите што треба да им помогнат на истражните органи во расчистувањето на двојното убиство што вчера вечер се случи во Старата скопска чаршија.

За активностите што се преземаат за откривање на напаѓачите денеска попладне преку писмено соопштение информира Јавното обвинителство. Оттаму велат дека сите обезбедени и подигнати траги и материјални докази од угостителскиот објект се предадени на вештачење по наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.
Во меѓувреме, додека траат вештачењата, според издадените наредби на јавниот обвинител, треба да бидат извршени разговори со ранетиот во нападот, но и со други лица што биле присутни во локалот.
Телата на убиените, како што претходно информира и Министерството за внатрешни работи, се дадени за обдукција.
„Обезбедени се снимки од видеонадзорот на самиот објект, на околните објекти, како и на системот `Безбеден град`, кои детално ќе бидат проверени. Јавниот обвинител издаде наредба да бидат извршени разговори со повреденото лице, со неколку други лица кои биле присутни во угостителскиот објект за време на настанот, како и со други лица кои би можеле да имаат некакви сознанија за инцидентот“,
се наведува во соопштението на Обвинителството.
Денеска увидни екипи на Министерството за внатрешни работи, според насоките дадени од јавниот обвинител, вршат детален увид на патот кон Горно Оризари каде што уште синоќа било лоцирано запаленото возило „ауди а6“ со кое се претпоставува дека напаѓачите побегнале по пукањето во Старата скопска чаршија.
Прегледи се вршат и на локацијата каде што е оставено возилото, а сите траги и докази што ќе бидат собрани во увидот ќе се вештачат.
Во соопштението од Јавното обвинителство не се наведува бројот на вооружени лица кои го учествуваа во крвавиот напад ниту, пак, се наведени иницијалите на жртвите и ранетиот.
За овие детали претходно утрово информираше Министерството за внатрешни работи. Според полицијата, напаѓачите биле петмина на број, носеле црна облека и биле маскирани со фантомки.
Случајот, според деталите што ги сподели МВР, вчеравечер во 20:11 часот бил пријавен во Секторот за внатрешни работи Скопје.
„Било пријавено дека во угостителски објект на ул. ‘Самоилова’ во Скопје пет лица облечени во црна облека со фантомки од огнено оружје пукале кон Ј.К. (37) и Е.И. (28), кои починале на местото на настанот, и кон А.Т.(34) од Скопје, кој се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош. Известен е јавен обвинител, кој излезе на самото место и по чија наредба телата се дадени на обдукција. Околу 20:30 часот било опожарено возило ‘ауди а6’ на патот кон Горно Оризари“,
информираат од МВР.
Според неофицијалните информации што се појавија во медиумите, а се однесуваат на идентитетот на убиените, станува збор за Јетон Кривањева и Енес Исени, што соодветствува на иницијалите што и синоќа и утрово ги соопшти полицијата.
Двајцата наводно се наоѓале на вториот кат од угостителскиот објект каде што биле пронајдени од сторителите. Сепак, потврда за ваквите наводи денеска немаше ниту од МВР ниту од Јавното обвинителство
Медиумите синоќа објавија и информации за инциденти што наводно се поврзуваат со Кривањева, а за кои и претходно се пишувало во јавноста.
Тој наводно бил дел од групата кон која се пукаше во вооружен напад во хотелот „Александар палас“ во 2019 година.
За ранетиот во нападот од Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ (старата Градска болница) вчера вечер за МИА соопштија дека тој со приватно возило бил донесен во болницата околу 20:15 часот и имал две рани. Едната, помала, на левото стапало, додека поголема имал на десната потколеница. Раните му биле обработени, направени биле потребните снимања и преврски, поставена му е имобилизација, по што е пуштен на домашно лекување.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
МВР за двојното убиство во Стара чаршија: Пукано е кон три лица, двајца починале на лице место
(ФОТОГАЛЕРИЈА) По двојното убиство, врие од полиција кај Старата скопска чаршија
Детали за двојното убиство: Напаѓачите влегле маскирани, фиксирани се траги на лице место
Третиот ранет во Стара чаршија е пуштен на домашно лекување: Имал две прострелни рани