Зошто блоковите во РЕК „Осломеј“ и РЕК „Битола“ се на 40, 50, 60 отсто од инсталираниот капацитет, а во ТЕЦ „Неготино“ се троши мазут кој се плаќа за три, четири или пет пати повисока цена, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од Свети Николе

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека е сомнително тоа што нема производство на евтина струја во РЕК „Осломеј“ и РЕК „Битола“, туку таа се произведува во ТЕЦ „Неготино“ на мазут чија цена е најмалку за три пати поскапа.
Мицкоски, при денешната посета на општина Свети Николе, рече дека минатата година на АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, државата му префрлила повеќе од 200 милиони евра за тековното работење.
„Кога јас бев директор на АД ЕЛЕМ оставив 1,5 милијарди денари депозити во банките и околу 360 милиони на сметката на тогашното АД ЕЛЕМ и нула долгови со редовно исплатени плати, к-15, ремонти“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека пет години потоа, државата на АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, му плаќа 200 милиони евра за да може да работи.
Според Мицкоски нејасно е зошто евтина струја се произведува само во ТЕЦ „Неготино“, а не и во РЕК „Осломеј“ и РЕК „Битола“, кога струјата произведена на мазут е, како што вели, три пати поскапа од таа што се добива од јаглен.
„Зошто блоковите во ‘Осломеј’ и ‘Битола’ се на 40, 50, 60 отсто од инсталираниот капацитет, а во ТЕЦ ‘Неготино’ се троши мазут кој се плаќа за три, четири или пет пати повисока цена“,
изјави Мицкоски.
Мицкоски зборуваше и за последните случувања околу фирмата избрана за надзор на коридорите 8 и 10-Д.
„На власта ѝ е важен кој ќе биде надзор на коридор 8 и 10-Д, за да може да потпишува што ќе му кажат тие, а не реално што се случува на терен, односно да може да си наддаваат количини кои потоа ќе ги плаќаат граѓаните“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање поврзано со шпанската фирма „Ептиса“.
Тој рече дека тендерот за супервизија, за надзор на проектите поврзани со коридор 8 и 10-Д што го добива конзорциум од една фирма, во која е и шпанската „Ептиса“, е 22 милиони евра.
Според него, вкупниот договор е во вредност од 22 милиони евра затоа што проектите кои се предвидени да бидат дел од коридорите 8 и 10-Д, бидејќи нема проект, таму ќе се плаќа врз основа на затекната ситуација на терен и зависи колку ќе прифати надзорот.
„Затоа на власта им е важно кој ќе биде надзор, за да можат да наддаваат количини и од првичната цена од 1,5–1,7 милијарди не би ме зачудило да дојде до 2 или 2,5 милијарди кои ќе ги плаќаат граѓаните. Затоа им е потребен тој надзор, да потпишува тоа што ќе му кажат од Vладата, а не тоа реално што се случува на терен“,
изјави Мицкоски.