Основното јавно обвинителство во Битола денеска до Основниот суд поднесе предлози за определување казнени налози против вкупно 20 лица, сите обвинети за кривично дело – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
„Сите обвинети, во одвоени кривично-правни настани на 27, 28, 29 и 30 март, не постапиле според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за спречување на заразната болест ковид-19, односно не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија“,
стои во соопштението од обвинителството.
Надлежните јавни обвинители до Судот за сите обвинети лица предложија определување парична казна во висина од 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да биде одредена на 20 евра во денарска противвредност, или вкупно по 2 000 евра.