Алтернатива, која неодамна реши да излезе од власта и да премине во опозиција, пред два дена, преку соопштение потпишано од генералниот секретар Зеќирија Ибаихими, повика да се започне иницијатива за формирање „заедница на албански општини во Северна Македонија“, по моделот со кој е предвидено да се формира ваква заедница на српски општини (ЗСО) во Косово
Ставот за Асоцијација на албанските општини е мој личен став, а не на органите на партијата, изјави за ТВ 21 генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими.
„За поддршката на претседателот на партијата за ова прашање ќе треба да го прашате него лично. Ставот за Асоцијација на албански општини е мој личен, не на органите на партијата. Меѓутоа, јас сум генерален секретар на Алтернатива и не сум само поединец во партија. Но, за да бидеме прецизни, немало некој состанок во партија за овој став кој е само мој политички став, поттикнат од моите политички и интелектуални yбедувања“,
рече Ибрахими.
Алтернатива, која неодамна реши да излезе од власта и да премине во опозиција, пред два дена, преку соопштение, повика да се започне иницијатива за формирање „заедница на албански општини во Северна Македонија“, по моделот со кој е предвидено да се формира ваква заедница на српски општини (ЗСО) во Косово.
„Во времето кога Косово се наоѓа пред финалниот договор за нормализација на односите со Србија и кога секој западен дипломат кој доаѓа во Приштина го повторува рефренот ’да се формира Заедницата на српските општини во Косово!‘, прашањето што треба да се постави е зошто партиите на Албанците во Северна Македонија, тие кои имаат општини (ДУИ, АА и Беса), не покренуваат иницијатива за основање на ‘заедница на албанските општини во Северна Македонија’ со истите надлежности кои се бара да ги има Заедницата на српските општини во Косово. Ништо повеќе. Само толку“,
посочија од Алтернатива во соопштение до медиумите потпишано од генералниот секретар Зеќирија Ибаихими.
Оние што го бараат тоа од Косово, нагласија од партијата, се наши западни сојузници, па затоа испаѓа дека формирањето ваква заедница е во духот на западните вредности.
„Да направиме и ние во Северна Македонија една таква заедница во тој западен дух. Еве една кауза врз која може да се соединиме сите албански партии, дури и Алтернатива, која нема своја општина. Да ја започнеме уште денес ‘заедницата на албанските општини во Северна Македонија’. Добар реципроцитет и, воедно, европски, нели?! Можеби на тој начин доаѓаме и кај темата на јазичен реципроцитет помеѓу албанскиот јазик во Северна Македонија и српскиот јазик во Косово“,
соопштија од Алтернатива.
Отфрлајќи го предлогот на Алтернатива како неприфатлив и несериозен, премиерот Димитар Ковачевски денеска нагласи дека оние што го заговараат се или неинформирани или, како што рече, не ги разгледале договорите што ги решаваат идентитетските прашања на Балканот.
„Таквиот предлог е и неевропски и неамерикански, така што, оние што го заговараат ќе треба малку повеќе да се задлабочат во тоа на кој начин се решени проблемите во Северна Македонија, а на кој начин ќе бидат решени проблемите во Косово, нормално, преку заемен договор меѓу Косово и Србија со посредништво на САД и ЕУ“,
рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по доделувањето социјални станови во Гостивар.
Коментирајќи ја идејата на Алтернатива, Ковачевски нагласи дека односите во земјава се регулирани со Охридскиот рамковен договор од 2001 година, поради кој, како што кажа, денес Северна Македонија е пример за соживот, за остварување на првата на сите етнички заедници и за заштита на правата на помалите етникуми.