Оние што го бараат тоа од Косово, велат од партијата, се наши западни сојузници, па затоа испаѓа дека формирањето ваква заедница е во духот на западните вредности
Политичката партија Алтернатива, која неодамна реши да излезе од власта и да премине во опозиција, преку соопштение повика да се започне иницијатива за формирање „заедница на албански општини во Северна Македонија“, по моделот што е предвидено да се формира ваква заедница на српски општини (ЗСО) во Косово.
Алтернатива нема градоначалник ниту во една општина во земјава, па затоа ракавицата ја фрла кон другите партии: ДУИ, Алијанса за Албанците (АА) и Беса.
„Во времето кога Косово се наоѓа пред финалниот договор за нормализација на односите со Србија и кога секој западен дипломат кој доаѓа во Приштина го повторува рефренот ’да се формира Заедницата на српските општини во Косово!‘, прашањето што треба да се постави е зошто партиите на Албанците во Северна Македонија, тие кои имаат општини (ДУИ, АА и Беса), не покренуваат иницијатива за основање на ‘заедница на албанските општини во Северна Македонија’ со истите надлежности со кои се бара да ги има Заедницата на српските општини во Косово. Ништо повеќе. Само толку“,
велат од Алтернатива во соопштение до медиумите потпишано од генералниот секретар Зеќирија Ибаихими.
Оние што го бараат тоа од Косово, велат од партијата, се наши западни сојузници, па затоа испаѓа дека формирањето ваква заедница е во духот на западните вредности.
„Да направиме и ние во Северна Македонија една таква заедница во тој западен дух. Еве една кауза врз која може да се соединиме сите албански партии, дури и Алтернатива, која нема своја општина. Да ја започнеме уште денес ‘заедницата на албанските општини во Северна Македонија’. Добар реципроцитет и, воедно, европски, нели?! Можеби на тој начин доаѓаме и кај темата на јазичен реципроцитет помеѓу албанскиот јазик во Северна Македонија и српскиот јазик во Косово“,
велат од Алтернатива.
Белград и Приштина се во фаза на преговори за нормализација на односите, за што веќе доставен и предлог договор од Франција и Германија. В понеделник српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ќе имаат средба во Брисел.
ЗСО е едно од клучните барања на Белград, на што досега актуелната косовска власт се противеше.
Меѓутоа, во пресрет на средбата в понеделник, од косовската влада објавија дека синоќа Курти разговарал со високиот советник на Стејт департментот, Дерек Шоле, кому му рекол дека го прифаќа европскиот предлог за договор како добра основа за понатамошните разговори во насока на нормализација на односите.