Владино-државни делегации, претставници од меѓународната заедница во земјава и членови на семејството на загинатиот претседател Борис Трајковски, денеска оддадоа почит во рамки на одбележувањето на 19-годишнината од авионската несреќа. Во Алејата на великаните во Бутел, цвеќе положија сопругата на претседателот Вилма Трајковска, собраниска делегација предводена од потпретседателот Горан Мисовски, владина делегација предводена од вицепремиерката Славица Грковска, како и шефот на државата Стево Пендаровски.
„Во чест на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата кои загинаа во авионската несреќа во Ротимље, во близина на Мостар, положивме свежо цвеќе на нивните вечни почивалишта. Претседателот Трајковски ќе остане запаметен по неговата мирољубива и умерена политика, скромност и визионерство. Вечна им слава.“
напиша Пендаровски.

Венци и цвеќе на вечното почивалиште положи и делегација на Армијата предводена од генерал-мајор Азим Нуредин, заменик-началник на Генералштабот, делегација од Сојузот на борци од НОАВМ, претставници од фондацијата „Борис Трајковски“, како и повеќемина претставници од дипломатскиот кор во земјава.

Премиерот Димитар Ковачевски преку Фејсбук порача дека претседателот Борис Трајковски беше проевропски претседател кој го посвети својот живот на напредокот и просперитетот на нашата земја.
„Ќе остане запаметен како вистински државник, а неговите заложби за соживот, мир и меѓународна интеграција на државата, се и денес пример за храбро и мудро лидерство. Денес кога навршуваат 19 години од авионската несреќа во која трагично ги загубија животите претседателот Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот, нека неговото наследство продолжи да нè инспирира, а неговиот спомен никогаш да не биде заборавен“
порача Ковачевски.
Од Владата порачаа дека се фокусирани кон прогресивни политики што ги водат граѓаните и државата напред, каква што беше и визијата на загинатиот претседател Борис Трајковски.
„Определбите за заедничко општество, во коешто граѓаните живеат и работат заедно, независно од нивните етнички, религиски или други определби, во мир и во меѓународно почитувана држава, интегрирана во демократските семејства на држави и народи, НАТО и Европската Унија, се пример за храбро и мудро лидерство засновано на вредности,“
се наведува во соопштението од Владата.

Одбележување на годишнината од смртта на претседателот Трајковски се одржа и во Струмица пред споменикот „Македонија“, како и во Ротимље, БиХ, на местото каде што се случи авионската несреќа во 2004 година.
Во авионската несреќа, која се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осум члена на делегацијата која патуваше на меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова-Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи, Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.