„Големите луѓе никогаш не умираат, тие живеат вечно во спомените на оние кои ги почитуваат вистинските вредности“, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој во име на Владата на РСМ денеска положи цвеќе пред споменикот во Ротимље, близу Мостар, каде што пред 19 години загина претседателот Борис Трајковски.
„Денеска сме тука да оддадеме почест, со посебен пиетет поклонувајќи се и положувајќи цвеќе пред спомен обележјето на несреќата во Ротимље. Потсетувајќи се на вредностите кои тој ги негуваше и ширеше, секогаш промовирајќи соработка и помирување, Борис Трајковски останува симбол на вистинско лидерство во еден исклучително тежок период, но и при сите средби со народот, дипломатите, домашните и светските политичари”,
рече Спасовски во обраќањето.
Спасовски истакна и дека претседателот Трајковски беше признаен во дипломатските кругови како неприкосновен политички лидер и добар пријател со државниците од целиот свет.
„Тој и по 19 години останува запаметен како доблесен и мудар државник, кој во еден важен транзициски период, кога се соочивме со тешки одлуки, успеа да го зачува мирот во земјата и во регионот, да ги зацврсти меѓуетничките односи, да биде посветен на демократските идеали и на евроатланската ориентација, како вистински визионер”,
потенцира Спасовски.
Во име на Босна и Херцеговина, пред спомен-обележјето почит оддадоа и министерот за сигурност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ, како и високи претставници на Претседателството на Босна и Херцеговина.