Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изрази сочувство за трагичната несреќа во која ноќеска загина девојче во близина на железничката станица. Тој во изјава за ТВ 24 вели дека според неговите сознанија дошло до струен удар на вагоните каде што биле качени децата.
„Според информациите што ги добив од МВР и ПП бригада, до трагедијата дошло откако група малолетници самоиницијативно, најверојатно од забава и несвесно се качувале на паркиран вагон во близина на ЖСТ „Илинден“ и притоа дошло до струен удар од високиот напон, каде што на лице место животот го загуби малолетно девојче. Во моментов таму увид вршат јавен обвинител и другите надлежни органи. Во овој момент можам само да изразам жалење за целиот настан и воедно да изразам длабоко сочуство до семејството на настраданото дете“
вели Георгиевски.
Вчера ЦУК информираше дека во 21:05 часот од Македонски железници бил пријавен пожар на вагон-цистерна на железничката станица „Илинден“, како и дека едно лице загинало од струен удар од електричните жици на вагоните.
„Имавме пријава за опожарен вагон-цистерна. Интервениравме со две возила и седум пожарникари и пожарот е веќе изгаснат. Затекнато е опожарено тело на вагон-цистерната,“
изјави за „Фокус“ командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Ѕвонко Томевски.
Според првичните информации од пријавата во МВР, вагон-цистерната била опожарена од малолетници кои за несреќата му кажале на возрасен човек, кој ја информирал полицијата.
По завршување на увидот се очекува да се утврдат точните причини за смртта на девојчето и за настанувањето на пожарот.