Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, креирањето на мнозинството во Собранието и менувањето министри не се базираат на принципи, туку на апсурдно пазарење кое треба да ѝ даде неколкумесечен живот на, како што вели, клинички мртвата влада на Ковачевски. Додаде дека единствениот излез од оваа ситуација е креирање ново мнозинство со легитимитет на граѓаните
Како и пред една година, така и сега имаме ситуација на крпење на парламентарното мнозинство без јасна цел, програма и визија – затоа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа разрешувањето на министрите опфатени со владината реконструкција.
Ваквата изјава доаѓа од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, откако пратениците на денешната седница со 65 и 64 гласа ги изгласаа предложените разрешувања на министрите Беким Сали, Адмирим Алити и Џемаил Чупи од редовите на Алтернатива.
„Ова е состојба во која од една страна крпат, а од друга страна им се кине владејачкото мнозинство затоа што едноставно веќе е изгубен легитимитетот на граѓаните. Ковачевски, СДС и ДУИ се соочени со својата неспособност, криминал, корупција и внатрешни конфликти и затоа ваквата гимнастика со разрешување, именување и просто пазарење нема ништо да подобри во Македонија, туку, напротив, ќе ги усложни и продлабочи проблемите на штета на граѓаните“,
порача координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Според Мицевски, креирањето на мнозинството во Собранието и менувањето министри не се базираат на принципи, туку на апсурдно пазарење кое треба да ѝ даде неколкумесечен живот на, како што вели, клинички мртвата влада на Ковачевски.
„Тоа што СДС се претвори во помал и подреден партнер на ДУИ и Груби не е проблем само по себе, туку проблем е што покорно молчи и дозволува нечии криминални интереси да се спроведуваат преку оваа вештачки одржана во живот власт на штета на народот. Владата на Ковачевски се претвори во излитен материјал кој го крпат, а тој пак се кине, во случајов затоа што легитимитетот е излитен“,
рече Мицевски.
Додаде дека единствениот излез од оваа ситуација е креирање ново мнозинство со легитимитет на граѓаните.
Денеска од своите функции беа разрешени тројцата досегашни министри во Владата од редовите на Алтернатива – Беким Сали, Адмирим Алити и Џемаил Чупи.
Од присутни 105 пратеници во собраниската сала, „за“ разрешување на Сали гласаа 65 пратеници, а немаше ниту еден „против“ или „воздржан“. За разрешување на Алити и Чупи, пак, имаше по 64 гласа „за“ и по еден „против“.
Откако пратениците гласаа за разрешувањето на министрите од Алтернатива, владејачкиот СДСМ порача дека со поддршката од 65 пратеници се потврдило зајакнатото и зголеменото парламентарно мнозинство.