Си Ѓинпинг на средбата со својот руски колега Владимир Путин ќе ги повтори повиците да не се користи нуклеарно оружје

Кинескиот претседател Си Ѓинпинг наскоро може да ја посети Русија, објави „Волстрит журнал“.
Пекинг најави дека сака да игра поактивна улога во завршувањето на конфликтот во Украина, а соработниците на претседателот велат дека Си Ѓинпинг има намера да се заложи за мултилатерални мировни преговори на средбата со својот руски колега Владимир Путин.
Весникот пишува дека Си Ѓинпинг ќе ги повтори повиците да не се користи нуклеарно оружје, но и дека планираната посета е во рана фаза и не се одредени датуми, но можно е таа да се случи во април или мај.
Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг вчера изјави дека неговата земја сака да игра улога во завршувањето на конфликтот во Украина.
Ганг на учесниците на безбедносната конференција во Пекинг им рече дека Кина е загрижена дека едногодишната војна може дополнително да ескалира и да излезе од контрола.
Кина никогаш не ја поддржа или јавно ја критикуваше руската офанзива и постојано ја изразува својата поддршка за Москва во врска со западните санкции. Пекинг, како што пренесува „Волстрит журнал“, вели дека сака да игра поактивна улога насочена кон завршување на конфликтот.
Путин вчера во своето обраќање пред руската Дума соопшти дека Русија го суспендира учеството во Договорот за намалување на стратегиското оружје (СТАРТ).
Тој додаде дека Русија ќе изврши нови тестови за нуклеарно оружје доколку Америка го стори тоа.
„На почетокот на оваа година добивме барање за инспекции на нашиот нуклеарен арсенал. Ова е апсурдно. Знаеме дека НАТО е директно вклучен во нападите врз руските објекти и сили. Тие нè напаѓаат, а сакаат да воведат инспекции? Ова е апсурдно. НАТО и САД отворено кажуваат дека целта им е стратегиски пораз на Русија. Потоа очекуваат да ги пуштиме во нашите капацитети? Нуклеарниот арсенал не е само во САД, туку и во Франција и Британија. Сето ова оружје е насочено против Русија. Изјавите на нивните лидери тие го потврдуваат тоа. Тоа мора да го земеме предвид“,
рече Путин.