Ковачевски кажа дека слично како лекарите за време на пандемијата, сега повторно има луѓе што работат 24 часа без да си ги видат семејствата – ИТ-инженерите и додаде дека лично ќе се погрижи на еден од наредните јубилеи што нашата држава ги слави барем еден од нив да биде награден со државна награда во име на сите нив
Сајбер нападите, дојавите за бомби и другите онлајн закани кои се случуваат во Северна Македонија се поврзани и со војната во Украина. Премиерот Димитар Ковачевски овој став го искажал во интервју за МИА, за време на Минхенската безбедносна конференција, пренесуваат од неговиот кабинет.

„Апсолутно се поврзани со војната што се води во Украина бидејќи пред тоа не постоеја. Второ, хибридната војна која се води и вклучува сајбер напади, која вклучува хакерски напади, која вклучува дезинформации, практично е нов начин на војување што досега не е виден. Тоа има неколку цели: прво да направи блокада на клучни витални системи во држави што се членки на НАТО, на ЕУ и се западно определени. Второ, да внесе немир кај граѓаните бидејќи се напаѓаат системи што опслужуваат голем број граѓани и трето да направат еден систем на дезинформации во државите што на крајот од денот оди во насока и корист само на оние што не сакаат да го видат нашиот регион конкретно да биде дел од ЕУ или да биде дел од НАТО“,
изјавил Ковачевски за МИА, соопштуваат од Владата.
Покрај постојаните закани за поставени бомби, пред сè во училиштата, најголема сајбер закана во моментов е хакерскиот напад на Фондот за здравствено осигурување. Поради тоа, доцни исплатата на платите во здравството, но и услуги кои граѓаните, како на пример, породилното отсуство. Премиерот вели дека на проблемот се работи заедно со партнери од НАТО.
„Во случајот со Фондот за здравство работат експерти од нашата држава заедно со експерти на земји членки на НАТО кои се врвни експерти“,
рекол Ковачевски.
Ковачевски кажа и дека слично како лекарите за време на пандемијата, сега повторно има луѓе што работат 24 часа без да си ги видат семејствата – ИТ-инженерите.
„Денес, при овие сајбер напади и при оваа хибридна војна, повторно има луѓе кои 24 часа работат. Тоа се ИТ-инженери, кои работат во институциите. Ние, исто така, имаме формирано и специјален тим во МВР, во кој учествуваат ИТ-инженери од Агенција за разузнавање и од Агенција за национална безбедност. Тие луѓе имаат имиња и презимиња, но ние не ги знаеме бидејќи никогаш немале можност да бидат дел јавната дискусија. Меѓутоа, и тие работат 24 часа на ден. И тие имаат свои семејства кои не ги виделе, и јас ќе се потрудам лично на еден од наредните јубилеи кои нашата држава ги слави, барем еден од нив да биде награден со државна награда во име на сите нив, кои 24 часа работат за да ги заштитат и одблокираат системите кои се под сајбер напади“,
изјавил Ковачевски.
Додека премиерот смирува дека состојбата е под контрола и дека проблемот со Фондот наскоро ќе се реши, веќе се најавени два протеста на медицински персонал. За утре е закажан протест на персоналот во болницата „8 Септември, иако не станува збор за одлука донесена од репрезентативниот синдикат. За в среда протест најави и Синдикатот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ако утре не им биде исплатена плата.