На денешното продолжение на 104. седница, на чиј дневен ред беше предлог-реконструкцијата на Владата, а на кое се расправаше за разрешувањето на министерот Адмирим Алити, пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикуваа оти тој не сработил ништо во ресорот кој опфаќа дигитализација и унапредување на јавната администрација, освен што на своја рака одлучил за балансер со кој ќе се вработат поголем број Албанци
Откако доцна синоќа ја завршија расправата за предлог-разрешувањето на актуелниот министер за здравство Беким Сали, пратениците денеска ја почнаа расправата за предложеното разрешување на Адмирим Алити од функцијата министер за информатичко општество и администрација.
На денешното продолжение на 104. седница, на чиј дневен ред беше предлог-реконструкцијата на Владата, а на кое се расправаше за разрешувањето на министерот Адмирим Алити, пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикуваа оти тој не сработил ништо во ресорот кој опфаќа дигитализација и унапредување на јавната администрација, освен што на своја рака одлучил за балансер со кој ќе се вработат поголем број Албанци.
„Алити проценил дека во тој балансер треба да го стави процентот и на Албанците во дијаспората, а не од резидентното население или 31,5 проценти, наместо 24,3 според пописот, што е незаконски и неуставно. Донесе на своја рака одлуки, а СДСМ тоа го премолчи за да остане на власт“,
рече пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците од опозицијата порачаа дека Министерството кое го водел Алити во изминатата година е едно од најклучните доколку земјава има амбиција да влезе во Европската Унија, но додадоа оти актуелниот министер не направил ништо додека бил на чело на Министерството и затоа треба да замине од него.

Опозиционерите прашаа и до каде е стратегијата за кибербезбедност на Министерството за информатичко општество и администрација, посочувајќи на хакерскиот напад од кој сѐ уште е блокиран Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), како и за лажните дојави за поставени бомби во училиштата кои траат изминатите четири месеци.
Пратеникот Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница порача дека премиерот Ковачевски треба да направи кадровски смени и во Образование и Економија – министерства кои, како што рече, најмногу бодат очи, но смета дека таму премиерот не смее да чепне поради неговиот коалициски партнер Али Ахмети.
На ова, во реплика се надоврза пратеничката Фиснике Бектеши-Шаќири од ДУИ која нагласи дека Ахмети е пример за лидер зашто, како што рече, сака да ги обедини сите етникуми во Македонија, па заедно да се приклучат на европскиот фронт.
Расправата по предлогот за разрешување на Алити заврши во 15 часот и, како што соопшти заменик-претседателот на Собранието, Горан Мисовски, ќе продолжи во понеделник во 12 часот.
Покрај Беким Сали и Адмирим Алити од Алтернатива, на дневен ред на оваа седница е разрешувањето на уште еден нивни сопартиец – Џемаил Чупи, министер без ресор задолжен за дијаспора.