Податоците на корисниците на здравствени услуги, вклучително и личните податоци, се безбедни и заштитени и нема нивно неовластено преземање при сајбер нападот, информираат од ФЗОМ

Здравствените и личните податоци на граѓаните се целосно безбедни, информираат од Фондот за здравствено осигурување демантирајќи ги наводите во јавноста дека податоците на граѓаните се украдени.
„При сајбер нападот немаше излевање податоци надвор од базите на Фондот. Тоа го потврди анализата на експертските технички тимови. Оттука, децидни сме дека податоците на корисниците на здравствени услуги, вклучително и личните податоци, се безбедни и заштитени и нема неовластено преземање на личните податоци“,
потенцираат од Фондот.
Оттаму велат дека се финализираат сите активности за прочистување и проверка на целокупниот систем на Фондот за здравство за да се обезбедат услови за повторно вклучување во нормален режим на работа.
Од ФЗОМ нагласуваат дека со помош на тим од локални и странски експерти се работи на рестартирање на системот со цел негово враќање во првобитната форма.
„Експертскиот тим кој работи на солуциите посочува дека не постои еден и единствен начин како се надминуваат предизвиците што ги предизвикува одреден сајбер напад, без разлика каков вид е истиот, и токму затоа, на домашните и странските тимови им е потребно повеќе време за надминување на штетите што ги предизвика нападот“,
додаваат од Фондот за здравство.
Од Фондот за здравствено осигурување ги демантираат и наводите дека соработниците на Фондот не работеле согласно процедурите со кои се обезбедуваат податоците.
„Сите наши соработници и сите вклучени во изнаоѓањето на солуции за предизвиците кои произлегоа од сајбер нападот, имаат долгогодишно искуство и се реномирани чинители во своите дејности и сметаме дека е неумесно да се доведуваат во прашање нивното знаење и експертиза и да се руши нивниот углед“,
истакнуваат оттаму.
Од Фондот посочуваат дека постепено се враќаат функциите на системот, а по добивањето на податоците од ЈЗУ, како што велат, веќе од наредната недела се очекува и исплата на платите на здравствените работници.
„Нашата заложба е секако враќање на сите функции на системот што поскоро на што се работи 24/7. Воедно апелираме до сите чинители за одговорно однесување и воздржување од шпекулации кои потенцијално и непотребно би предизвикале паника кај граѓаните“,
наведуваат од Фондот за здравство.