Што се однесува до вршење притисоци дали да се одземат потписи, сепак, сметам дека сме една сериозна државна институција, како министерство, и притисоци од таков вид ниту проаѓаат ниту пак треба да проаѓаат, вели министерката

Соработката со заменик-министерот за култура Даим Лучи е на едно одлично ниво, како што е и со државниот секретар, одговори министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во вечерашното гостување на ТВ Сител.
Костадиновска-Стојчевска тврди дека на неа не се вршеле никакви притисоци за одземање овластувањашто ги има еден заменик-министер.
„Што се однесува до вршење притисоци дали да се одземат потписи, сепак, сметам дека сме една сериозна државна институција, како министерство, и притисоци од таков вид ниту проаѓаат ниту пак треба да проаѓаат“,
рече министерката.
Одговорот на министерката доаѓа откако вчера заменик-министерот за култура Даим Лучи, на својот фејсбук профил објави Африм Гаши и Беким Сали побарале од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска да му ги одземе сите овластувања што ги има еден заменик-министер.
„По конгресот на партијата, иако имав политичка функција, бев единствениот функционер кој не беше дел од Централното претседателство, ме отстранија од сите централни партиски форуми и да биде лудилото уште поголемо, на инсистирање на Африм Гаши, а особено на Беким Сали како генерален секретар на партијата, побараа од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска да ми ги одземе сите овластувања што ги има еден заменик-министер со единствена цел – да бидам оштетен и во очите на другите да изгледам како пропаднат кадар за да има алиби за мое разрешување“,
напиша Лучи на Фејсбук.
Заменик-министерот за култура Даим Лучи, кој е единствен функционер од Алтернатива за кого премиерот Димитар Ковачевски не побара разрешување откако партијата реши да излезе од владината коалиција, се огласи на социјалните мрежи и порача дека повеќе нема да биде дел од Алтернатива додека на нејзино чело е Африм Гаши.
Во објавата со наслов „Не плачете како жени, кога не сте способни да заштитите како мажи“, тој наведува низа обвинувања кон партискиот лидер Гаши и министерот за здравство Беким Сали, велејќи дека бил бојкотиран од нив и оти излегувањето на Алтернатива од владината коалиција е само затоа што се разрешува пријателот на Гаши – Беким Сали.
Јавното обвинување на Лучи кон партискиот лидер доаѓа додека во Собранието трае дебатата за разрешување на останатите функционери од Алтернатива.
Покрај споменатиот Сали, на списокот за разрешување се и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, како и замениците за земјоделство – Абдулшуќур Абедини и за образование и наука – Лулзим Алиу.
Освен за нив, Ковачевски предложи разрешување и на заменик-министерот за одбрана Башким Хасани, кој е дел од „огнената група“ во ДУИ, а оставки сами поднесоа министрите за правда Никола Тупанчески (СДСМ) и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини (ДУИ), како и заменик-министрите за правда Агим Нухиу (ДУИ) и за здравство Владимир Рендевски (СДСМ).