Државата, рече Вучиќ, нема да дозволи кои било насилници и екстремисти да го загрозат уставниот поредок на Србија. Според него, тоа што вечерва се случило не било случајно, туку планирано

Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва одржа вонреден состанок со клучните луѓе од безбедносниот сектор во Србија, откако пред Претседателството беа одржани протести на десничарите кои побараа негова оставка или промена на политиките кон Косово.
По состанокот имаше и вонредно обраќање во кое рече дека овој протест не би требало да заслужува некое посебно внимание, но сепак се осврна на демонстрантите кои покрај со српски излегоа и со руски знамиња, а носеа и проруски пароли, како што беше: „Кој го издаде Косово, ќе ја издаде и Русија“.
„Ова не се неформални десничарски групи, туку ги поддржуваат четири парламентарни партии, некои од нивните лидери беа на собирот. Не се собраа тие туку така, не беше ова случајно. Денес реков дека авантуризам е можен кога создавате држава, а кога ја имате, државата не трпи авантуризам … Вие ги нарековте проруски. Јас не знам дали се тие проруски, но знам со сигурност дека се антисрпски бидејќи се прават против својот народ. За да сакате некој друг, морате прво да го сакате својот народ. Кај нас постојат длабоки емоции кон Русија и рускиот народ, ние сме единствена земја што не воведе санкции. За разлика од нив, ја имам уверувања, не треба некој до Вагнер да ме тапка по рамото“,
рече Вучиќ.
На граѓаните, пак, им порача дека може мирно да спијат и оти државата ќе одговори на сите екстремисти кои сакаат да го загрозат уставниот поредок.
„Државата се грижи за тоа и нема да дозволи на кои било насилници и екстремисти со каква било заштита од надвор, да го загрозат уставниот поредок на Србија. И во парламентот зборувам дека ни претстојат тешки времиња и дека сите копја ќе се кршат на грбот на Србија. Во тек е светски судир, наше е да го сочуваме мирот. Многу деца изгубивме изминатиот век, немаме веќе деца за фрлање. Нема да подлегнувам на нивните провокации“,
порача Вучиќ.
Сите кои се закануваа со убиства, тепање и нереди, рече тој, ќе одговараат согласно законите во Србија.
Исто така, тој во повика српското МВР да каже и дали вечерашниот протест бил одобрен. Тоа што вечерва се видело на десничарскиот протест, според него, зборува за нивната нервоза поради распадот на нивната политика во парламентот.
„Ќе има уште вакви обиди, а наша работа е да не потклекнеме и да ја водиме својата политика“,
рече Вучиќ.
Протестот што вечерва се одржа во Белград, започна пред споменикот на рускиот цар Николај, а демонстрантите се упатија и кон зградата на Претседателството каде ја пробија оградата и извикуваа „Каде е Вучиќ“ и „Предавство, предавство“.