Нема доволно пари во финалниот колач на Министерството за култура и за други наши најпознати македонски брендови, кои очигледно не се приоритет, велат од опозициската партија

Револтот на јавноста и жестоките реакции во однос на објавените резултати од Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во културата продолжуваат да ја брануваат културната фела, се наведува во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дијагнозата на Годишната програма се вика одлевање милиони од денарот за културата одвоен од сите македонски даночни обврзници за партиско-сценски изведувачи и музички фестивали и манифестации на актуелната власт, кои ја љубат истата, како што ПМГ си ја љубат истата и, патем, си го собираат кајмакот во културата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, „ПМГ рекордингс фестивал 13“ е финансиран со 1 020 000 денари во музичко-сценска дејност во програмата за фестивали и манифестации, исто како и „ОФФест“, меѓународно етаблираниот фестивал кој собира значајни европски и светски музички имиња.
„Нема доволно пари во финалниот колач на Министерството за култура и за други наши најпознати македонски брендови, кои очигледно не се приоритет. Фестивалот на забавната песна ‘Макфест’ е ‘помогнат’ два и пол пати помалку отколку ‘ПМГ фестивалот’. Нема доволно пари за јубилеен концерт во чест на Григор Копров, поддржан со 204 000 денари, а новиот музички материјал на Наум Петрески е поддржан со симболични 60 000 денари. Но, затоа секогаш и доволно ќе има за ПМГ“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму реагираат и за концертот на Петар Грашо, кој треба да се одржи во Битола, а е поддржан со 180 000 денари, пари, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, одвоени од сите македонски даночни обврзници.