Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажна пријава

Дојавата за поставена експлозивна направа на електронските адреси на 14 професори во едно скопско средно училиште е лажна, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР), откако, како што информираат оттаму, завршиле проверките.
„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска во 16:15 часот завршија потребните проверки во врска со денешната пријава со закана за поставена експлозивна направа, по добиените пораки на приватни електронски адреси на 14 професори, и утврдено е дека станува збор за лажна пријава“,
се наведува во соопштението од МВР.
Оттаму посочуваат дека веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажна пријава.
Минатата недела имаше дојави за бомби три дена по ред во основни и средни училишта во главниот град. Последната, на 9 февруари, пристигна на адресите на 13 основни и на шест средни училишта.
Сите дојави досега се покажаа како лажни.