Одлуката не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје

Условна казна од две години затвор, која нема да се изврши доколку обвинетата не стори ново кривично дело во наредните пет години, доби Вера Иванова во случајот „Диамед“ поврзан со продажбата на центрите за дијализа.
Покрај условната затворска казна, со првостепената пресуда на Основниот кривичен суд е досудена и конфискација на имот во вредност од над 11 милиони евра.
Иванова казната ја доби за две кривични дела.
„За кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, судот утврди казна затвор од една година и три месеци, и за кривичното дело перење пари – една година и три месеци затвор. На обвинетата ѝ се утврдува единствена казна затвор од две години, па согласно одредбите од членовите 48, 42 и 50, единствена казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку обвинетата во рок од пет години сметано од денот на пресудата, не стори ново кривично дело“,
наведе во изрекувањето на пресудата судијата Илија Трпков.
Конфискацијата на над 11 милиони евра, според првостепената пресуда, пак, е од Иванова во вредност од 3 275 000 евра, додека од правно лице инволвирано во случајот одредена е конфискација од 8 280 000 евра.
Одлуката не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.
Обвинение за случајот беше поднесено во април 2021, а судскиот процес започна во септември истата година.