Обвинета е управителката на фирмата „Метрополитен“, В.И. која, пак, се јавува како фирма основач на Приватната здравствена установа „Диамед“ – носител на лиценцата во бизнисот со дијализа
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение во случајот „Диамед“ поврзан со продажбата на центрите за дијализа. Обвинета е управителката на фирмата „Метрополитен“, В.И. која, пак, се јавува како фирма основач на приватната здравствена установа „Диамед“ – носител на лиценцата во бизнисот со дијализа.
В.И. е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари при продажбата на фирмата за 11,5 милиони евра, од кои, според Обвинителството, 3,2 милиони евра пуштила во оптек на нејзина сметка во банка во земјава, а останатите речиси 8,3 милиони евра биле префрлени во Монако на сметка на фирмата чиј краен сопственик е таа.
Случајот започнува во 2013 година, кога обвинетата како управителка на „Метрополитен“ решила да учествува во постапка од Министерството за здравство за добивање лиценца за дијализа.
„Целта на обвинетата не било да извршува здравствена дејност – дијализа, туку со здобивање на лиценца од 20 години, а со тоа и монополска положба на пазарот на овој вид здравствени услуги, да обезбеди повеќекратно зголемување на вредноста на уделот во правното лице“,
велат од Обвинителството.
Обвинителството тврди дека откако била формирана приватната здравствена установа „Диамед“, каде што како основач се јавува „Метрополитен“, обвинетата на почетокот на 2014 склучила договор за вршење дијализа во траење од 20 години со загарантирано навремено плаќање на извршените услуги. Ова, според Обвинителството, ѝ овозможило на В.И. да постигне значително повисока цена за уделот на „Метрополитен“, кој тогаш изнесувал 231 000 денари (околу 5 200 евра), а потоа скокнал на 11,5 милиони евра.
Една година по добивањето на лиценцата, односно во текот на 2015 година, В.И. решила да го продаде јавниот монопол што го имала и започнала преговори со шведската компанија „Дијаверум“ за продажба на уделите во „Метрополитен“.
„За да ја избегне обврската за добивање претходна согласност од Министерството за здравство за пренос на уделот, уделот го пренела на ’Метрополитен‘ – основач на ’Диамед‘. Без да овозможи Министерството за здравство, како јавен партнер, да утврди дали шведската компанија ’Дијаверум‘ ги исполнува истите тендерски услови како ’Метрополитен‘, обвинетата на 31.10.2018 година склучила договор со ’Дијаверум‘ за пренос на удел. Со ваквите дејствија обвинетата вредноста од уделот во ’Метрополитен‘ кој бил 231 000 денари го зголемила на 11 560 000 евра за колку и го продала на новиот правен субјект“,
велат од Обвинителството.