Македонскиот репрезентативец и играч на Џенова, Горан Пандев, преку социјалните мрежи од Италија испрати порака до политичките партии во земјава да не го злоупотребуваат неговото име во ситно-политички игри во моменти кога целиот свет со соочува со коронавирусот.
Ваквата реакција на Пандев доаѓа бидејќи Комисијата за спорт на ВМРО-ДПМНЕ, како што посочува и самиот, го злоупотребила неговото име.
„Почитувани, во овие тешки моменти за целиот свет кога се соочуваме со најопасниот вирус на глобално ниво, сакам да апелирам до политичките партии во Македонија да престанат со ситно-политичките игри. Оваа прилика ја користам да ги повикам политичките партии (во случајот комисијата на ВМРО-ДПМНЕ) да престанат да го злоупотребуваат моето име. Ова е време кога ние во Италија се соочуваме со катастрофа од невидени размери. Апелот до сите е да останат дома и да ги следат препораките. Секоја моја изјава која ќе биде ставена во контекст на политика ќе ја демантирам. Поздрав од Џенова“,
напиша Горан Пандев на Инстаграм.

Откако фудбалерот испрати таков апел, на профилот на Комисијата за спорт на ВМРО-ДПМНЕ, не може да се пронајде фотографијата и неговата изјава.