„Не сум информиран, ниту е побарано да дадам оставка ниту некој ме прашал за ваквата состојба. Најверојатно, причината за моето разрешување е јасно искажаното незадоволство од првиот вицепремиер Артан Груби. Но, нема да побарам образложение од Ахмети“, вели сè уште актуелниот заменик-министер за одбрана Башким Хасани во изјава за „360 степени“
По договорот за владина реконструкција заради влез на Алијанса за Албанците во власта, неколку позиции отстапува и владејачката ДУИ, но на различен начин.
На пример, досегашниот министер за животна средина Насер Нуредини самиот поднел оставка откако е договорено овој ресор да му припадне на СДСМ и со него да раководи Каја Шукова. Но, тоа не е случај со заменик-министерот за одбрана Башким Хасани, кој исто така е од редовите на ДУИ, но не се повлекува сам, туку за него премиерот Димитар Ковачевски доставил предлог за разрешување до Собранието.
Хасани е дел од т.н. „огнена група“ во ДУИ и неговиот потпис стои на списокот на партиски членови кои застанаа зад петицијата против Артан Груби и сè уште активно работат на терен, со цел да го принудат Али Ахмети, како што велат, на внатрепартиски реформи.
Во изјава за „360 степени“, Хасани вели дека никој не го информирал дека ќе биде предложено негово разрешување ниту, пак било, побарано од него да поднесе оставка. Сепак, вели тој, нема да бара образложение за ваквиот потег.
„Не сум информиран, ниту е побарано да дадам оставка ниту некој ме прашал за ваквата состојба. Најверојатно, причината за моето разрешување е јасно искажаното незадоволство од првиот вицепремиер Артан Груби. Но, нема да побарам образложение од Ахмети“,
ни изјави Хасани.
Хасани е на листата за разрешување во пакет со кадрите на Африм Гаши откако Алтернатива не изгради став во однос на влезот на Алијанса за Албанците во Владата.
За местото на Хасани во одбрана, предложен е Тирон Јајага од Алијанса за Албанците.
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: Доставен предлогот за владина реконструкција: Ковачевски ја соопшти утрешната одлука на Алтернатива?
Освен предлози за нови министри, премиерот Ковачевски до парламентот испрати и предлози за разрешување, а веќе за в понеделник е закажана собраниска седница за договорената владина реконструкција.