Претходно, и градоначалничката, но и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ поднесоа барања за итна седница на Советот на која ќе се одлучи да се додели хуманитарна помош
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и советниците во Град Скопје се договорија да се организира итен состанок на координативното тело на Советот и да ги разгледаат можностите да испратат помош за погодените региони во Турција и Сирија од разорните земјотреси.
„Изразувам длабоко сочувство до семејствата на настраданите од земјотресот во Турција и Сирија. Молитвите во овие тешки моменти се со пријателските народи на Македонија кои се зафатени од разорен земјотресот. Во договор со советничките групи и градоначалникот Данела Арсовска како претседателот на Совет свикав итен состанок на Координативното тело на Совет на кој ќе се согледаат сите можности за испраќање хуманитарна помош, за што Совет ќе донесе одлука на итна вонредна седница што ќе се закаже за во најкус можен рок“,
вели претседателот на Советот, Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ.
Од советничките групи и на двете најголеми партии, како и од кабинетот на Арсовска, претходно поднесоа и барања за свикување вонредна седница на Советот за да се определи помош за настраданите.
„Нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите и повредените во катастрофалниот земјотрес во Газиантеп, Р.Турција. До градоначалникот на Газиантеп испративме и писмо со сочувство и ја понудивме нашата помош доколку тоа е потребно. Градот Скопје е град на солидарност кој никогаш нема да ја заборави помошта, поддршката и солидарноста на братскиот турски народ“,
вели Арсовска.
Барањето на ВМРО-ДПМНЕ е да се определи еднократна помош за настраданите во Турција и Сирија, а сличен е и предлогот на СДСМ од каде наведуваат и конкретна бројка – речиси 100 000 евра.
„Според Предлог Одлуката се предвидува, како израз на солидарност кон граѓаните на Република Турција, од подрачјата зафатени со катастрофалниот земјотрес да се додели парична помош во износ од шест милиони денари, односно близу 100 000 евра. Овие средства можат да се обезбедат од Буџетот на Град Скопје за 2023 година, односно потпрограма А0, ставка 412, односно постојана резерва (непредвидливи расходи). Очекуваме претседателот на Советот веднаш да свика вонредна седница, а од мнозинството советници одлуката да биде изгласана. Град Скопје како град на солидарноста и пред своите граѓани и пред светот има одговорност согласно своите можности да помага на секој град кој се соочува со несреќи и природни катастрофи, каков што е стравотниот земјотрес во Турција“,
соопштија од СДСМ.