„Министерството за внатрешни работи информира дека во координација со јавен обвинител ќе ги преземе сите неопходни мерки во врска со заканите и омаловажувањето упатени кон полицискиот службеник од страна на бугарскиот државјанин В. С., во врска со вчерашниот настан на ‘Деве Баир’“, велат од МВР
Министерството за внатрешни работи (МВР) најави дека ќе преземе мерки по заканите кои претседателот на бугарската Фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, ги упати кон полициски службеник. За „360 степени“ од МВР велат дека за ова ќе се координираат со јавен обвинител.
„Министерството за внатрешни работи информира дека во координација со јавен обвинител ќе ги преземе сите неопходни мерки во врска со заканите и омаловажувањето упатени кон полицискиот службеник од страна на бугарскиот државјанин В. С., во врска со вчерашниот настан на ‘Деве Баир’. Имено, лицето В. С. веќе има забрана за влез во Република Северна Македонија, имајќи го предвид неговото претходно дејствување и упатени закани и навреди кон македонскиот народ и правниот поредок“,
информира МВР.
Стојанов вчера преку Фејсбук нудеше награда од 200 евра за оној што ќе ги открие името и презимето на еден од полицајците кои вчера приведоа тројца бугарски државјани на граничниот премин „Деве Баир“. Оваа порака подоцна исчезна од неговиот профил, а Стојанов за „360 степени“ изјави дека тој не го избришал постот, туку системот на Фејбук го отстранил бидејќи ги нарушувал правилата и поради тоа профилот на оваа социјална мрежа му е блокиран два дена.
Вчера на „Деве Баир“ тројца Бугари упатуваа недолични зборови и се обидоа да нападнат полицајци, разгневени поради тоа што системот на граничните премини не беше во функција речиси три часа. Тоа предизвика тензија, по што тие беа приведени, а групата што ги придружуваше одлучи да не влезе во Македонија.
Меѓу нив беше и претседателот на Фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, кој ги пренесуваше реакциите на гневните бугарски државјани во живо на Фејсбук, кои недолично и со навреди се однесуваа кон македонските полицајци.