Вечерва е скршено стаклото на влезот на македoнскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, објави бугарската ТВ НОВА. Вандалскиот чин бил пријавен вечерва во 21:40 часот во локалната полициска станица.
Како што објави телевизијата, полициската патрола видела дека е скршено стаклото на Македонскиот клуб на улицата „Димитар Димов“ во градот. Според првичните информации, четири камења се пронајдени пред објектот, објави ТВ НОВА повикувајќи се на свои извори.
Бугарската национална телевизија БНТ, пак, објави дека според неофицијални информации, инцидентот се случил после 21 часот.
Според БНТ, полицијата во Благоевград одбива да даде дополнителни информации бидејќи пред клубот има неколку полициски автомобили, а униформираните службеници забрануваат фотографирање.
Македoнскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград беше отворен во тензична атмосфера на 30 октомври минатата година во присуство на гости од Македонија и Македонци што живеат во Бугарија.
Настанот доаѓа по денешното чествување на роденденот на Гоце Делчев, ден кој во Скопје помина мирно, а на граничниот премин Деве Баир – тензично. Таму полицијата денеска со часови пропушташе само итни случаи зашто, како што информираше, паднал системот за проверки. Ова предизвика тензии и расправии во кои бугарски државјани, поради неможноста да ја преминат границата, упатуваа навреди и недолично се однесуваа кон македонската гранична полиција. При инцидентот беа уапсени три лица.