Тој ја критикуваше Владата дека ветувала живот, но наместо тоа, како што рече, Македонија според нивото на корупција е последна на Балканот
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и партиска делегација од пет члена оддадоа почит на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“. Со нив на Кале пристигнаа и стотици поддржувачи и симпатизери на партијата со транспаренти кои останаа зад полицискиот кордон.
Мицкоски во изјава за медиумите рече дека кај него денеска се развиле две чувства, на почит кон Гоце Делчев и на разочараност.
„Две чувства се развиваат кај мене. Првото чувство е нормално чувството на почит кон Македонецот, кон великанот Гоце Делчев за тоа што го сторил за Македонија, за тоа што го направил за македонскиот народ во својата, би рекол, бурна животна приказна. Ние сме горди што имаме еден таков човек да го славиме и е дел од нашата историја и нашиот македонски ген и тоа е чувство на задоволство и среќа кај секој еден чесен и честит Македонец, без разлика каде се наоѓа дали е денеска овде во Македонија или насекаде во светот. И второто е чувството на разочараност, чувство што кај мене се создаде денеска чекорејќи од онаа прва барикада преку втората барикада до овде, до оваа црква и наместо да се зближуваме, наместо да се зголемува нашето пријателство, ние денеска, за жал, сме подалечни од кога и да било во нашата историја“,
рече Мицкоски.
Тој ја критикуваше Владата дека ветувала живот, но наместо тоа, како што рече, Македонија според нивото на корупција е последна на Балканот
„Пред 68 месеци ветуваа живот, пред 68 месеци ветуваа дека Македонија ќе ја однесат во Европа. Денеска ние сме, според нивото на корупција, како држава, рамо до рамо со Тунис, Суринам, Индија, а во сите останати параметри сме последни на Балканот. И, за жал, никогаш подалечни со нашите соседи од тоа што сме денеска“,
изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека жали што бил сведок на денешните безбедносни мерки околу црквата „Св. Спас“ и надлетувањето на хеликоптерите, како што рече, „како во воени времиња“.