Владината делегација присуствуваше и на богослужбата посветена на големиот револуционер Гоце Делчев со која чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, неговото блаженство архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение на свештенството
Владино-државна делегација денеска присуствуваше во црквата „Св. Спас“ на одбележувањето на денот на раѓањето на великанот и инспиратор на македонското револуционерно дело и државноста – Гоце Делчев.
Владината делегација, предводена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, составена и од првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, положи свежо цвеќе и оддаде почит на истакнатиот револуционер Гоце Делчев за неговиот водечки придонес во борбата за слобода и за македонската државност, информираат од Владата.
„Идеалите на големиот визионер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите се разбран аманет и патоказ за политиките на Владата на Република Северна Македонија, поставени на дијалогот и на почитувањето, како врвни културолошки и цивилизациски придобивки. Пораките на Делчев за единство и сплотеност, кога станува збор за националните интереси и за државните стратегиски цели, се подеднакво актуелни и денес. И се света обврска за секого додека ја градиме Република Северна Македонија во едно општество за сите граѓани и ја интегрираме, по најголемиот безбедносен сојуз НАТО, што е веќе реалност и како полноправна и рамноправна членка на Европската Унија, во семејството на европски народи и држави“,
порачуваат од Владата.
Настанот во чест на раѓањето на Делчев започна со високи државни почести и со македонската химна во изведба на првенката на Операта на Македонскиот народен театар, Весна Гиновска-Илковска.
Потоа следуваше положувањето цвеќе и оддавањето почит кон големиот револуционер Гоце Делчев од претставници на државниот врв и од делегациите кои денеска присуствуваа на одбележувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев, меѓу кои претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски, и пратеници од владејачкото мнозинство и од опозицијата во парламентот, началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, претставници од Генералштабот и други претставници од Министерството за одбрана. Меѓу делегациите што положија цвеќе и му оддадоа почит на великанот Гоце Делчев беа и претставници од Сојузот на борци од НОАВМ, потпретседателите Наум Буревски, Елена Јованова Грујовска и Јоцко Димитриевски, претставници на политички партии во Република Северна Македонија, соопштија од Владата.
Владината делегација присуствуваше и на богослужбата посветена на големиот револуционер Гоце Делчев со која чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, неговото блаженство архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение на свештенството.