„Вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, и заменик-министерот Венцислав Катинов утре, на 4 февруари, ќе положат цвеќе во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, Република Северна Македонија. Двајцата ќе му оддадат почит на споменот на Гоце Делчев по повод 151-годишнината од неговото раѓање“, се наведува во кусото соопштение објавено на официјалната интернет-страница на Министерството за внатрешни работи на Бугарија
Претходно денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање дали за утрешниот настан свое присуство најавила делегација од Бугарија, рече дека Владата не добила таква најава
Дека на чествувањето на Денот на раѓањето на Гоце Делчев ќе присуствува владина делегација од Бугарија, вечерва во емисијата „10 Минути“ на ТВ 21 соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, посочувајќи дека информацијата ја добиле „пред малку“
Официјална Софија утре сепак ќе има свои претставници на чествувањето на 151-годишната од раѓањето на Гоце Делчев што ќе се одржи во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Бугарската делегација ќе ја сочинуваат вицепремиерот и министер за внатрешни работи на земјата Иван Демерџиев и заменик-министерот Венцислав Катинов, соопшти попладнево Министерството за внатрешни работи на Бугарија.

„Вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, и заменик-министерот Венцислав Катинов утре, на 4 февруари, ќе положат цвеќе во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, Република Северна Македонија. Двајцата ќе му оддадат почит на споменот на Гоце Делчев по повод 151-годишнината од неговото раѓање“,
се наведува во кусото соопштение објавено на официјалната интернет-страница на Министерството за внатрешни работи на Бугарија.
Претходно денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање дали за утрешниот настан свое присуство најавила делегација од Бугарија, рече дека Владата не добила таква најава.
„Владата не добила најава дека делегација од Бугарија ќе присуствува утре на одбележувањето 151 година од раѓањето на Гоце Делчев. До овој момент, од кабинетот на премиерот на Бугарија јас немам најава за официјална бугарска делегација којашто би положила цвеќе“,
изјави Ковачевски.
На прашање на „360 степени“ дали има промени во врска со присуството на делегација од Бугарија на одбележувањето на 4 февруари – Денот на раѓањето на Гоце Делчев, од Владата вечерва повторно нè упатија на изјавата на Ковачевски.
Дека на чествувањето на Денот на раѓањето на Гоце Делчев ќе присуствува владина делегација од Бугарија, вечерва во емисијата „10 Минути“ на ТВ 21 соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, посочувајќи дека информацијата ја добиле „пред малку“.
„Добивме пред малку информација дека ќе дојде бугарскиот министер за внатрешни работи и неговиот колега за здравство со уште еден член во делегацијата (најверојатно мислејќи на заменик-министерот за внатрешни работи н.з.) кои ќе се поклонат пред гробот на македонскиот револуционер и великан Гоце Делчев“, изјави Спасовски во емисијата.
Инаку, во својата денешна изјава премиерот уште еднаш нагласи дека Министерството за внатрешни работи е должно да обезбеди мирно и достоинствено чествување на годишнината од раѓањето на Делчев, согласно заклучоците што претходно беа донесени на Советот за безбедност и од Владата.
Во насока на одржување на мирот во текот на утрешниот ден, премиерот им порача на сите здруженија на граѓани и поединци кои планираат да присуствуваат на чествувањето, тоа да го направат без провокации и нарушување на односите меѓу двете соседни држави.
Ковачевски нагласи дека секој странски државјанин за кој МВР има информации оти е лице што со влез во земјава потенцијално би ги нарушило националната безбедност, владеењето на правото, јавното здравје или меѓународните односи на државата, согласно Законот за странци, нема да биде пропуштено во државата.
Апел за смиреност до граѓаните во пресрет на утрешниот настан денеска упати и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој преку својот фејсбук-профил им порача на граѓаните што ќе бидат присутни на утрешното чествување во црквата „Св. Спас“ да не подлегнуваат на евентуални провокации од кои било политички субјекти.
Спасовски и неговиот бугарски колега Иван Демерџиев во понеделникот имаа средба во Скопје во врска со подготовките за чествувањето на роденденот на Гоце Делчев. По средбата и двајцата изразија уверување дека ќе бидат преземени сите неопходни мерки и активности за да нема никаков инцидент.
Во рамки на безбедносните подготовки за утрешниот настан, улицата „Самуилова“ која води до гробот на Делчев од вчера попладне е блокирана за возила. Влезот во црквата „Свети Спас“, пак, денеска е целосно забранет, а полициски сили се распоредени наоколу и ги одвраќаат граѓаните што сакаат да влезат во црквата.
На улицата и на тесните сокаци низ чаршијата кои водат кон црквата е поставена метална ограда. Движењето во околината е ограничено, но е дозволено.