Министерот за внатрешни работи им порача на граѓаните што ќе бидат присутни на утрешното чествување во црквата „Св. Спас“ да не подлегнуваат на евентуални провокации од кои било политички субјекти, а на одговорно однесување и внимателност во реториката ги повика и политичарите од земјава
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска преку својот фејсбук-профил упати апел за смиреност до граѓаните во пресрет на утрешниот ден на кој се одбележуваат 151 година од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев. Тој им порача на граѓаните што ќе бидат присутни на утрешното чествување во црквата „Св. Спас“ да не подлегнуваат на евентуални провокации од кои било политички субјекти.
Таа надлежност, додава Спасовски, ја имаат институциите кои ќе се погрижат чествувањето да помине без ескалација, инциденти или понижување на македонскиот народ и држава од никого.
„Како министер за внатрешни работи нема да дозволам понижување на македонскиот народ! Институциите работат и се прибираат информации кои значат дека ова очекување на граѓаните ќе биде реализирано. Мораме да ја деескалираме состојбата што неодговорните политичари, групи и поединци сакаат да ја влошат“,
пишува Спасовски во објавата на Фејсбук.

Тој ги повика на одговорно однесување и политичарите и политичките субјекти од земјава, зашто, како што посочи, неодговорноста нема да им направи добро ниту на граѓаните ниту на државата.
„Мирот и стабилноста е одговорност на секој еден од нас. Да се напушти таква реторика од разни ‘патриотски институти’ за тоа што можат да направат“,
додава министерот.
Минатото, вели Спасовски, покажало дека оние што ги мотивираат луѓето наводно да ја чуваат демократијата, државата и националноста, тие остануваат нечепнати. Оние, пак, што посегнуваат по државата, по институциите, додава тој, сега се наоѓаат во затворските институции.
Инаку, Министерството за внатрешни работи уште вчера презеде мерки за засилено полициско обезбедување околу црквата „Св. Спас“ каде што утре ќе се чествува денот на раѓањето на Делчев.
Од вчеравечер за сообраќај е блокирана улицата „Самуилова“ која води до црквата каде што почива револуционерот. Улицата „Самуилова“ ќе биде блокирана на потегот од улицата „Иљо Војвода“ до крстосницата со „Прохор Пчињски“. Според најавите на МВР, в сабота, пак, по улиците „Лазар Личеновски“ и „Самуилова“ ќе се вози само под посебен сообраќаен режим.
Полициско обезбедување има и околу самата црква.