Земан ќе остане запаметен како единствен шеф на држава или влада на земја членка на НАТО кој јавно ѝ се извини на Србија за бомбардирањето во 1999 година, кога тој како премиер на Чешка ја одобри интервенцијата на таа воена алијанса
Србија може да посредува во решението на руско-украинскиот конфликт, изјави денеска во Белград чешкиот претседател во заминување Милош Земан, засновајќи ја оваа оценка на фактот дека Белград не воведе санкции кон Москва, што, според него, „може да биде предност“ за улога на медијатор.

„Позицијата на Србија за неутралност, дека не поддржува санкции против Русија, може да биде предност за евентуалната улога на посредник бидејќи посредникот не смее јасно да стои на едната или на другата страна“,
рече Земан на заедничката прес-конференција по состанокот во четири очи со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Како можни посредници во таа војна тој ги гледа Кина и Турција, како и Австрија, за која вели дека е „неутрална и членка на ЕУ, иако не е членка на НАТО“.
Вучиќ го истакна договорот на Белград и Прага во однос на осудата на упадот и инвазијата на руските сили во Украина и почитувањето на територијалниот интегритет на таа земја, истакнувајќи дека Србија е „единствената земја во Европа“ која не воведе санкции кон Русија и дека тоа „никогаш не го крие“.
„Испративме хуманитарна помош и поддршка на сите начини, ќе испратиме уште повеќе и ќе учествуваме во изградбата на одредени градови и населени места во Украина“,
рече Вучиќ.
Нагласувајќи дека за Србија „Донбас и Запорожје, Херсон и другите области се делови од Украина“ и дека тие се почитуваат „преку резолуциите, поредокот и Повелбата на ОН“, Вучиќ праша зошто другите земји „не ги почитуваат наредбата на ОН и резолуцијата 1244 (СОНС)“ со кој се признава територијалниот интегритет на Србија на Косово.
„Како ги почитувате сите резолуции, а не ја почитувате единствената што се однесува на нашиот територијален интегритет? Ставете се во наша позиција, во наша кожа, бараме да го разберете тоа и ништо повеќе“,
рече Вучиќ.
Земан нагласи дека „го цени фактот што Србија ја осуди руската агресија во Украина бидејќи не може да се дозволи која било земја да го напаѓа својот сосед без причина“.
Чешкиот претседател во заминување ја избра Србија за својата последна официјална посета бидејќи, врз основа на вториот круг од претседателските избори во саботата, наскоро на таа позиција ќе биде заменет од поранешниот генерал на НАТО, Петр Павел.
Земан денеска повтори дека се извинил за учеството на Чешка во бомбардирањето на НАТО на тогашна СР Југославија во 1999 година. Тој ќе остане запаметен како единствен шеф на држава или влада на земја членка на НАТО кој јавно ѝ се извини на Србија за бомбардирањето во 1999 година, кога тој како премиер на Чешка ја одобри интервенцијата на таа воена алијанса.
По разговорот Вучиќ-Земан следеше средба на две државни делегации и потпишување на меѓудржавен договор за зајакнување на културната соработка и формирање на Чешката куќа во Белград, која ќе биде седиште на Чесите, но и простор за собир на Чесите и Србите, состаноци и деловни контакти и „важно место за односите меѓу двете земји“.