Во врска со најавите за блокади на раскрсници следните денови, Зафировски рече дека се повлекле од таа идеа бидејќи решиле да му дадат можност на дијалогот. Излегувањето на протест, како што нагласи, ќе зависи од следните чекори на градоначалничката Арсовска и Владата
Приватните превозници денеска излегоа пред управната зграда на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје од каде што побараа средба со директорот Александар Стојковски за да им даде објаснување зошто шест месеци немаа земено ниту денар од средствата што им ги должи претпријатието.
Како што изјави приватниот превозник Јовица Зафировски, кој се обрати во името на останатите свои колеги, доведени се на раб на егзистенција бидејќи веќе три месеци не работат.
Минатата недела, како што рече тој, им биле префрлени понижувачки 5 000 денари, што е уште едно од прашањата кои сакаат да му ги постават на директорот на ЈСП.
На средба со првиот човек на ЈСП „Скопје“, приватните превозници сè уште чекаат бидејќи од претпријатието им било кажано дека директорот Стојковски не е во просториите на дирекцијата и оти е на состанок.
„Минатата недела добивме една уплата од понижувачки 5 000 денари и сакаме да прашаме зошто се уплатени само 5 000 денари. Дојдени сме мирно, не навредуваме никого, никому не се закануваме, едноставно доведени сме во ситуација да немаме средства, немаме егзистенција. Си ги бараме само нашите пари. Да видиме кога ќе ги добиеме, како ќе ги добиеме, да го договориме начинот на исплата. Побаравме прием кај директорот, нè известија дека му е пренесена пораката, директорот не е тука во моментот, заминат бил на состанок. Оставивме наши податоци и се надеваме на средба да поразговараме за сите работи и сите проблеми што нè мачат и се надеваме дека ќе најдеме конечно решение на оваа голгота што ја имаме ние, приватните превозници“,
изјави Зафировски за медиумите.
Доколку не бидат удостоени со прием кај директорот на ЈСП, тој најави дека повторно ќе се обидат да договорат состанок со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, а ако и тоа не даде резултат, вели Зафировски, ќе се обратат до премиерот Димитар Ковачевски.
„Доколку и градоначалничката не нè прими, ќе се обратиме до премиерот, тој да биде медијатор на оваа ситуација, да можеме конечно да изнајдеме решение, да бидеме повторно сервис на граѓаните, да ги активираме автобусите“,
рече Зафировски.
Одговарајќи на новинарско прашање, што доколку не наидат на слух од никого, претставникот на приватните превозници изјави дека тогаш единствен излез ќе биде повторно излегување на протести.
„Единствен излез, единствено демократско право е протестот. Се надевам дека граѓаните ќе бидат на наша страна и се на наша страна затоа што превозот е во многу лоша состојба“,
посочи тој и додаде дека приватните превозници се 30 години во бизнисот и нема да се откажат додека некој не ги прими.
Прашан зошто не се пријавиле на огласот распишан од Град Скопје, Зафировски рече дека не можеле да се пријават на него затоа што биле понудени само две можности за линии.
„Ние сме 16 линии. Не можеме да се поделиме. Овде сме 135 фирми, како што кажав, ние сообраќаме 30 години на овие линии, значи мора сите да бидеме активни“,
одговори Зафировски.
Во врска со најавите за блокади на раскрсници следните денови, тој рече дека се повлекле од таа идеја бидејќи решиле да му дадат можност на дијалогот.
„Ќе ги поднесеме повторно барањата, не сакаме да малтретираме никого, не сакаме да ги малтретираме граѓаните, ќе му дадеме простор на дијалогот“,
рече тој.
Излегувањето на протест, рече Зафировски, ќе зависи од следните чекори на градоначалничката Арсовска и на Владата.
„Повторно им се обраќам, ги замолувам да нè разберат дека сме во лоша ситуација и да нè повикаат конечно да се реши овој проблем“,
порача Зафировски во негово и во име на своите колеги приватни превозници.
Приватните превозници пред три месеци престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје, а поради тоа што градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, им ги раскина договорите.
Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември, кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.
Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември оваа година со околу 200 автобуси поставија блокади на неколку главни точки во Скопје, односно на крстосниците пред ТЦ „Мавровка“, Црвениот крст, како и булеварот „Илинден“.
Потоа ги одблокираа крстосниците кај „Мавровка“ и Црвениот крст и останаа да протестираат само на булевар „Илинден“, непосредно околу просториите на Град Скопје.
Во меѓувреме градските власти ги отфрлаа наводите дека им должат пари.
По девет дена блокада, превозниците ги тргнаа автобусите затоа што добија ветување од премиерот Димитар Ковачевски дека ќе оствари средба со нив, но под услов да престанат со блокадите.
По ова, јавниот градски превоз продолжи да сообраќа само со автобусите на ЈСП, а Град Скопје објави два огласи за приватни превозници на кои не се пријави ниту една компанија.