Од опозициската партија ги обвинуваат премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на државата Стево Пендаровски дека заглавиле до толку, што за нивната неспособност за нормализирање на односите обвинија дека зад сите случувања стојат странски служби, без притоа да кажат кои се и што им е интересот
Ескалирањето на односите со Бугарија е последница на попустливоста и „веднењето кичма“ на СДСМ, велат преку писмено соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека власта потпишала сè што било побарано од неа, што дополнително ги отворило апетитите на Софија.
„Ковачевски да каже како е можно на сè што потпишаа да создадат студена дипломатска војна со Бугарија, попусливоста е последица на ранливоста поради енормниот криминал. Ескалирањето на односите со Бугарија е последица на попустливоста и веднењето кичма на СДС. Владата исполни сè што беше побарано од неа, дури и невозможни и нерационални работи“,
се наведува утрово во соопштението на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, во кое се додава дека како природно следство на таквата состојба доаѓа повлекувањето на бугарскиот амбасадор од земјава и односи како во студена војна.
Од опозициската партија ги обвинуваат премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на државата Стево Пендаровски дека заглавиле до толку, што за нивната неспособност за нормализирање на односите обвинија дека зад сите случувања стојат странски служби, без притоа да кажат кои се и што им е интересот.
„Пендаровски, иако платен од народот за да го штити, и службите под него исто така, не кажа кој тоа ја дестабилизира Македонија. Само сее ветар и магла“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската партија се осврнува и на предлогот на претседателот на државата, неколку бугарски државјани, меѓу кои и европратеник, да бидат прогласени за персона нон грата, обвинувајќи ги Пендаровски, Ковачевски и шефот на дипломатијата дека ретерирале во врска со ова прашање и посочиле дека ќе почекаат до 4 февруари.
„Што ќе чекаат? Дали чекаат инциденти или политиката ја претвораат во естрада и поле за циркусанти?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.