Радев нагласил дека зачестените случаи на агресија врз Бугарите во Северна Македонија бараат дефинитивен институционален одговор
Европската Унија треба да го гарантира почитувањето на правата и безбедноста на Бугарите во РСМ со истата енергија со која инсистираше на забрзување на нејзините евроинтеграции, порачал бугарскиот претседател Румен Радев во телефонски разговор со комесарот за проширување и соседска политика на Европската Унија, Оливер Вархеји.
„Крајно време е институциите во Република Северна Македонија ефикасно да се спротивстават на насилството и вербалните изрази на омраза кон Бугарите“,
рекол Радев, пренесува БТВ.
Радев нагласил дека зачестените случаи на агресија врз Бугарите во Северна Македонија бараат дефинитивен институционален одговор.
„Обидите да се омаловажат и да се третираат само како криминални случаи не се во интерес на билатералните односи и европската перспектива на РСМ. Неработењето и немањето казна стимулираат злосторства од омраза“,
се наведува во соопштението од кабинетот на бугарскиот претседател.
В.д. министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, денеска во емисијата „Денот започнува“ на БНТ, изјави дека Бугарија ќе ги преземе сите мерки за случајот „Пендиков“.
Тој рече дека кога се случил нападот врз Пендиков во Република Северна Македонија, првично настанала паника и властите на различни нивоа признале дека се работи за кривично дело од омраза. Потоа почнале, посочи Милков, да се шират сценарија дека Пендиков „бил наркозависник и дилер, а најхрабрите тврдат дека бугарските клубови се места на организиран криминал и дека се финансирани од трговија со дрога“.
„Ова е наратив кој не можеме да го прифатиме и ќе ги преземеме сите мерки“,
рече Милков.
Во интервјуто тој рече дека веќе ги информирал министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во Советот за надворешни работи во Брисел.
Вчера Милков најави дека Бугарија ќе ги прекине сите заеднички меѓудржавни проекти со Република Северна Македонија поради претепувањето на Христијан Пендиков. Тој нагласи дека запирањето на заедничките проекти ќе биде дел од бугарската реакција за случајот со Пендиков.
Тој побара властите во Северна Македонија да се погрижат да има одговорност за тепањето на Пендиков, а тврди дека охриѓанецот кој се декларира како Бугарин, добива закани и во болница.
Бугарија исто така го повика на консултации во Софија својот амбасадор во Македонија Ангел Ангелов. Министерството за надворешни работи изразува жалење за ваквиот потег на Софија и го смета ваквиот чекор како неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален, рече шефот на македонската дипломатија Бујар Османи одговарајќи на пратеничко прашање на народниот избраник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на денешната собраниска седница на чиј дневен ред се пратенички прашања.