За коментар околу давањето поддршка за обезбедување на кворум за одржување на седница во Собранието дека тоа значи поддршка на мнозинството и влез во Владата, Тараври одоговори тоа што некоја партија ќе обезбеди кворум за работа на Парламентот не значи и влез во Владата

Во петок ќе биде донесена одлуката за евентуален влез во Владата, најави денеска лидерот на политичката партија Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
„За петок е закажан состанок со централното претседателство на партијата. Таму ќе ги носиме финалните одлуки, бидејки знаете дека Централното собрание му одреди на Централното претседателство да ја донесе конечната одлука и евентуално ако има потреба да формира и преговарачки тим. За тоа ќе ве информираме навреме“,
подвлече Таравари на настан по повод одбележување на Денот на турскиот учител во Гостивар.
На новинарско прашање и коментар околу давањето поддршка за обезбедување на кворум за одржување на седница во Собранието дека тоа значи поддршка на мнозинството и влез во Владата, Тараври одоговори тоа што некоја партија ќе обезбеди кворум за работа на Парламентот не значи и влез во Владата.
„Не, нема врска. Не е прв пат некогаш ние, а друг пат ВМРО-ДПМНЕ да обезбеди мнозиство за да функционира Собранието. Сме правеле и мнозинство кога се носеше Буџетот. Така ќе продолжиме без разлика на се“,
рече Таравари.
Тој дополни дека Алијанса за Албанците придонела и за кворум за гласање на францускиот предлог и договорот со Бугарија и напомена дека и покрај тоа што се во опозиција во одредени ситуации, кога како партија и пратеници ќе оценат дека на работата на Собранието му треба подршка, тоа ќе го прават.
Централното собрание на Алијанса за Албанците (АА), во саботата, го овласти претседателството на АА да формира комисија која во следните 6-7 дена, најмногу до две недели ќе разговара за евентуално вклучување во Владата, извести партискиот претседател Арбен Таравари по завршувањето на состанокот.
Таравари рече дека имале плодна дискусија на оваа тема, оти дел од членовите биле за, некои против, како и дека централното претседателство на партијата ќе треба да ја донесе конечната одлука.
Да се донесат закони за ветинг на судии и обвинители, е еден од приоритетите на кои ќе инсистираат, рече Таравари и повтори дека нивниот фокус, при евентуален влез во владата, ќе биде на борба со корупција и правна држава.
Вчера, пак, коалициските партнери беа на средба во седиштето на владејачката СДСМ, а потоа во Клубот на пратениците каде разговараа за влезот на Алијанса за Албанците во Владата.
Премиерот Ковачевски по синоќешната средба во Клубот на пратеници се огласи само на социјалните мрежи, велејќи дека се разговарало за актуелните политики, кризата, плановите за 2023 година.
Дали Либерално-демократската партија ќе го поддржи Алијанса за Албанците да влезе во владината коалиција, ќе зависи од програмските цели, вели пратеничката и претседателка на оваа партија Моника Зајкова по вчерашната средба со премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, со коалициските партнери.
Уште еден коалициски партнер, Павле Трајанов, зборуваше за средбата и неговите ставови за евентуален влез на Алијанса за Албанците во владината коалиција, при што тој постави услов дека ќе поддржи такво нешто доколку не се почитува правичната застапеност на сите етнички заедници согласно Уставот и амандманот 6. Според неговата изјава, не може во владата треба да има пет до шест министерски места за албанските партии, а ДУИ, смета Трајанов, е таа што треба да отстапи место за Алијанса.