Евентуалниот влез на Алијанса за Албанците, пак, уверува Ахмети, не е поврзан со „огнената група“ откако претходно потпретседателот на ДУИ, Меџити, изјави дека тенденцијата за влез на Алијанса во Владата е да се замолчат токму „огнените“
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, уверува дека парламентарното мнозинство е стабилно, но постои пристап за тоа да се зголеми.
„Парламентарното мнозинство е стабилно, но има еден поопширен и поперспективен пристап да се прошири тоа мнозинство и да се создаде една алијанса за Европа“,
изјави денеска Ахмети.
Во однос на тоа дека со бунтот на „огнената“ група во ДУИ би можеле да се намалат пратениците од пратеничката група на интегративците односно на мнозинството, Ахмети тврди дека евентуалниот влез на нови партии не е поврзан со случувањата во неговата партија.
„Ова нема никаква врска со ‘огнената група’“,
коментира Ахмети.
Коментарот на Ахмети за нови владини партнери доаѓа откако синоќа претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, изјави дека постои реална можност за влез на неговата партија во Владата и оти тоа го бара и меѓународниот фактот.
„Ако не станеме дел од Владата, тогаш одиме на избори. Нема друго решение. Сепак, приоритет за нас се уставните измени и затоа сме спремни да станеме дел од Владата за да го помогнеме процесот“,
изјави синоќа Таравари во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
Пратеникот и потпретседател на интегративците, Изет Меџити, кој е дел од „огнената група“ во ДУИ која изрази незадоволство од состојбите во партијата и бара смена на министрите, пред сè на првиот вицепремиер Артан Груби, изминатиот викенд во интервју за РСЕ за евентуалниот влез на Алијанса за Албанците во Владата рече дека не држи аргументот дека се потребни повеќе пратеници за уставни измени, бидејќи и со оваа партија не се стигнува до потребното двотретинско мнозинство. Второ, според Меџити, тенденцијата за влез на Алијанса во Владата е да се замолчат „огнените“, како и членови на други партии „за тесни политички интереси, но во никоја случај за стратешка агенда“.