Блок 3 повторно е вклучен во работа после 366 дена откако во ноември 2021 година неговиот трансформатор беше оштетен во пожар предизвикан од надворешен фактор, информираат од ЕСМ

Третиот блок во РЕК „Битола“ од вчера попладне е ставен во функција и испорачува електрична енергија. Блок 3 повторно е вклучен во работа после 366 дена, соопштуваат од ЕСМ.
„Блок 3 на РЕК ‘Битола’ е ставен во функција, а од вчера попладне во 17:35 часот е синхронизиран со македонскиот електроенергетски систем и испорачува електрична енергија. Блок 3 повторно е вклучен во работа после 366 дена откако во ноември 2021 година неговиот трансформатор беше оштетен во пожар предизвикан од надворешен фактор. Новиот трансформатор на Блок 3 го изработи турската компанија ‘Астор’“,
нагласуваат од ЕСМ.
Монтажата на новиот трансформатор на блокот, додаваат оттаму, заврши успешно, но стручни лица од РЕК „Битола“ и од производителот будно ја следат работата на постројката со цел повторното вклучување во системот да помине во најдобар ред.
„Во исто време, трансформаторот кој беше оштетен во пожарот, се наоѓа на репарација во специјализирана фабрика во Република Србија и се очекува наскоро и тој да пристигне во РЕК ‘Битола’ каде ќе се чува како резерва за евентуални слични непријатни ситуации во иднина“,
потенцираат од ЕСМ.
Со вклучувањето на Блок 3, РЕК „Битола“ работи со полн капацитет. Последен пат комбинатот работел со сите три блока во грејната сезона 2019/2020 година, односно од февруари до март 2020 година.
Четиристотини киловолтниот трансформатор беше тежок 240 тони и од Турција се пренесуваше со специјална композиција. Композицијата долга 60 метри бараше специјални услови за движење, зајакнување на патната инфраструктура на одредени делови на трасата, посебна сообраќајна регулација и управување со мала брзина. Трансформаторот се пренесуваше со специјална композиција преку патен транспорт низ Турција, бродски и патен транспорт низ Грција, и патен од преминот „Меџитлија“ до РЕК „Битола“.
Новиот трансформатор за Блок 3 во РЕК „Битола“ на 14 ноември тргна со специјален камионски транспорт кон Битола. ЕСМ претходно зацрта дека трансформаторот без кој третиот блок во РЕК „Битола“ не може да работи, треба да пристигне до 22 ноември, но рокот беше пробиен.