Од МЖСПП посочуваат дека на 3 и 4 јануари мерната станица Битола 2 измерила 163, односно 207 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички, со што се надминува прагот на дозволената вредност од 150 микрограми на кубен метар во текот на два последователни дена
На мерното место во Битола – Битола 2 во два последователни дена е надминат дозволениот праг на концентрација на ПМ 10 честички во воздухот, информираат денеска од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Оттаму посочуваат дека на 3 и 4 јануари мерната станица Битола 2 измерила 163, односно 207 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички, со што се надминува прагот на дозволената вредност од 150 микрограми на кубен метар во текот на два последователни дена.
„Од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање доставена е информација за надминување на прагот на алармирање до Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Сектор за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје и до Општина Кичево за епизодата на алармантно загадување на воздухот“,
се наведува во соопштението на МЖСПП.
Дополнително, во соопштението од Министерството се додава дека во Кичево и Гостивар престануваат да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање за аерозагадувањето бидејќи мерењето на 2 јануари покажало дека концентрацијата на ПМ 10 честички е под дефинираниот праг.