Дарител е жена со мозочна смрт чие семејство вчера се согласило да ги донира органите
На хируршките клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје во тек е втората трансплантација на црн дроб. Дарител е пациентка која е со мозочна смрт, а чие семејство вчера се согласило за донирање на органите. Покрај црниот дроб, се трансплантираат и бубрезите и коскените ткива.
„Благодарност до семејството од мое име и од името на сите екипи кои во изминативе 24 часа работеа и продолжуваат да работат. Благодарност до сите медицински екипи кои изминатите часови учествуваа во подготовка на донорот, на реципиентите и во операциските сали. Радува тоа што се повеќе семејства се одлучуваат да ги донираат органите и да спасат некому живот“,
вели министерот за здравство Беким Сали.
Од Министерството за здравство објавија и фотографии од текот на трансплантацијата.
Првата трансплантација на црн дроб во земјава беше извршена на 24 ноември 2022 година, кога исто така дарител беше жена на која ѝ беше констатирана мозочна смрт.
Црниот дроб го доби 60-годишен пациент кој по три недели болничка нега на 13 декември лани замина дома.