Лидерите на земјите од Латинска Америка му посакаа на бразилскиот претседател повторно добредојде на власт, надевајќи се дека неговата земја ќе преземе поголема улога на меѓународната сцена
Лидери на земјите од Латинска Америка денеска се собраа во Бразил за да се сретнат со претседателот Луис Инасио Лула да Силва, кому денеска му беше прв ден на функцијата, откако вчера и формално положи заклетва како претседател на Бразил на инаугуративната церемонија што се одржа во Конгресот на земјата.
Лидерите на земјите од Латинска Америка му посакаа на Лула повторно добредојде на власт, надевајќи се дека неговата земја ќе преземе поголема улога на меѓународната сцена, пренесува агенцијата Асошиејтед прес (АП).
Претходникот на Лула, Жаир Болсонаро, ретко патуваше во странство или примаше шефови на држави.
Јужноамериканските шефови на држави, од кои многумина се левичари како Лула, јасно го поздравија неговиот трет мандат како претседател на Бразил, најголемата економија на континентот.
„Постои многу силна желба во регионот Бразил да се врати. Лидерите на Латинска Америка сакаат активен, ангажиран Бразил“,
вели Оливер Стуенкел, професор по меѓународни односи на Универзитетот Гетулио Варгас.
Денеска претпладне Лула се сретна со аргентинскиот претседател Алберто Фернандез, потоа со Луис Арсе од Боливија и Гиљермо Ласа од Еквадор, а подоцна и со Чилеанецот Габриел Бориќ и Колумбиецот Густаво Педро.
Уште неколку шефови на држави, исто така, вчера отпатуваа во главниот град на Бразил за да му честитаат на Лула на неговата инаугурација.
Денеска попладне според локално време Лула треба да се сретне со Ванг Кишан, потпретседателот на Кина која е најголемата извозна дестинација на Бразил.
Иако Болсонаро ги ублажи нападите врз Кина во втората половина од својот мандат, останува важно Кина да се вклучи во дијалог со администрацијата на Лула и да се погрижи најголемата нација во Латинска Америка да остане вистински партнер на Пекинг, смета професорот Стуенкел.
Лула потоа треба да го прими претседателот на Ангола како и претставниците на Куба, Венецуела и Перу.
Лула (77) тесно го победи Болсонаро на изборите во октомври за да го добие својот трет претседателски мандат, по пауза во која тој дури и заврши во затвор по пресудата за корупција, но сите обвиненија беа отфрлени. Во претходните години, како претседател на Работничката партија од 2003 до 2010 година, синдикалниот лидер извлече милиони Бразилци од сиромаштија за време на бумот на пазарот на стоки што ја поттикна економијата.
Сега тој е соочен со тежок предизвик да ја закрепне стагнантната економија и во исто време да ја обедини поделената земја, наследството на неговиот претходник Болсонаро.
Болсонаро го напушти Бразил во петокот и избегна да му ја предаде власта на својот ривал, чија победа допрва треба да биде признаена. Неговите поддржувачи протестираат веќе два месеци и тврдат дека изборите се украдени и бараат воен удар за да се спречи враќањето на Лула на чело на државата.
Во атмосфера на вандализам и насилство, приврзаник на Болсонаро беше уапсен бидејќи постави бомба во камион со керозин на влезот на аеродромот во Бразилија.