На лицата кои не се легитимирале, ниту се претставиле, тој им ги покажал новинарските акредитации на ФоНет и на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС)
Новинарот на агенцијата ФоНет Марко Драгославиќ попладнево во 15 часот и 30 минути бил нападнат додека го снимал сплавот „Фристајлер“ од шеталиштето на левиот брег на реката Сава, кој делумно потонал за време на новогодишната ноќ поради прекумерниот број на гостите и преоптоварување, јавува Н1.
Драгославиќ бил нападнат од двајца мажи облечени во црно додека го снимал сплавот и брегот, не дозволувајќи му да продолжи со снимањето.
„Еден од нив ми пријде и ме праша: Кој си ти, што снимаш, кој ти рекол да го правиш тоа, забрането е“,
раскажува Драгославиќ.
На лицата кои не се легитимирале, ниту се претставиле, тој им ги покажал новинарските акредитации на ФоНет и на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС).
„И покрај тоа, еден од нив ми влезе во лице, ме фати за врат со тупаница и, стискајќи ме, ме оттурна“,
опиша Драгославиќ.
Во 15:37 часот Драгославиќ повикал полиција и ја чекал патролата која пристигнала по петнаесетина минути.
Во меѓувреме, двајца млади мажи со сино-бела трака оградиле дел од шеталиштето пред сплавот.
Полицајците ги идентификувале и Драгославиќ и двајцата млади мажи кои ги предупредиле дека немаат право да го оградат просторот на шеталиштето пред сплавот.
Им рекоа дека тоа е јавна површина и дека надлежност за тоа имаат само полицијата и инспекциите.
И покрај предупредувањето, тие не ја отстранија лентата.
„Се што се случуваше го следеа петнаесетина луѓе кои се собраа на шеталиштето. Полицајците беа многу фер, но ме советуваа да се оддалечам, што го направив бидејќи повеќе не се чувствував безбеден“,
нагласи Драгославиќ.