Од страна на инспекторите за храна, кујната е времено затворена. Наредени се мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот. Земени се шест мостри за лабораториско испитување од храната што се послужувала и осум брисеви од работните површини и опремата, велат од АХВ

По добиеното известување за можно труење со храна во студентскиот дом „Пелагонија“, инспекциските служби на АХВ денеска се во вонредна инспекциска контрола во кујната.
„Од страна на инспекторите за храна, кујната е времено затворена. Наредени се мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот. За лабораториско испитување, земени се шест мостри од храната која се послужувала и осум брисеви од работните површини и опремата“,
се наведува во соопштението од Агенција за храна и ветеринарство.
Студентите повторно ќе можат да ја користат кујната во домот, како што посочуваат од АХВ, по добивање на лабораториските наоди со кои ќе се потврди безбедноста и по контролата која ќе направат инспекторите со која ќе се потврди дека се преземени сите наложени мерки за отстранување на констатираните недоследности.
Вчера од „Студентски отпор“ на Фејсбук напишаа дека до нив е стигната информација за труење со храна во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје.
„Навистина сме згрозени од фактот што во моментот многу студенти се жалат и се завршени на инфективните клиники. Ваков ли студентски стандард и студентски оброци ветуваа луѓето од власта или студентите ги гледаат само како пропаганден материјал за користење, како тоа што беше фамозниот ‘ручек со студентите’ на премиерот?“,
напишаа од „Студентски отпор“ додавајќи дека ја следат ситуацијата во студентскиот дом „Пелагонија“ и го осудија игнорантниот однос на власта кон студентите и ваквите нехуманите услови во кои тие престојуваат.