Случајот „Титаник 2“ се актуализира во јавноста откако на рочиште закажано за 22 декември тој не беше спроведен од струшкиот затвор
За ова дело во април 2023 година ќе настапи застарување. Судењето сега е во доказна постапка, останува да се испитаат уште неколку сведоци, меѓутоа и во случај да се донесе првостепена пресуда во Кривичен, прашање е колку Апелација ќе успее да донесе одлука по евентуалните жалби ако се земе предвид долготрајноста на постапките пред второстепениот суд

По неспроведувањето на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, на судско рочиште за „Титаник 2“ и јавните преписки меѓу затворската управа во Струга и Основниот кривичен суд Скопје, утрово тој беше спроведен на ново рочиште за овој судски процес.
Во присуство на неговите двајца адвокати, Љубомир Шврговски и Петар Василев, тој утрово седна во петтиот ред во судницата каде што почна рочиштето на кое треба да се испитаат неколку сведоци, меѓу кои и поранешни членови на Државната изборна комисија (ДИК).
Јавна преписка чија е вината за неспроведувањето на Мијалков
Мијалков беше спроведен од струшкиот затвор бидејќи таму ја издржува тригодишната казна откако се спогоди со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во случајот „Империја“.
Случајот „Титаник 2“ се актуализираше во јавноста откако на рочиште закажано за 22 декември тој не беше спроведен од струшкиот затвор.
Директорот на струшкиот затвор Ваљон Ќура тогаш јавно кажа дека причината што не го спровеле Мијалков е што во наредбите за спровод на судот имало погрешно наведени датуми, а сподели и фотографии од документите.
Според неговата изјава, во КПД Струга на 28 ноември стигнала прва наредба од скопскиот суд за ексдиректорот на УБК да биде спроведен на рочиште закажано на 12 декември. Од затворот, како што наведе Ќура, постапиле по наредбата и го спровеле Мијалков, но го вратиле назад бидејќи рочиштето се одложило. Потоа, на 14 декември, стигнала нова наредба за спроведување на Мијалков за рочиште за истиот предмет, но повторно со истиот датум – 12.12.2022.
Тогаш со документи возвратија од Кривичниот суд од каде што до медиумите споделија фотографии од повратницата од доставата на наредбата за спровод во која во графата „Евиденција“ стои датумот 22.12.2022, односно датумот кога Мијалков требаше да биде донесен во судот.
Оттаму појаснија дека согласно судската пракса по која се постапува, наредбата за спровод на лице може да содржи датум за насрочена прва главна расправа, а за сите понатамошни наредби важи евиденцискиот број на повратницата која ја добива затворот.
Сето ова иницираше вонреден инспекциски надзор од Управата за извршување санкции во струшкиот затвор, по што и оттаму вината ја лоцираа кај судот, со заклучок дека не станува збор за погрешно постапување на вработените во затворот туку за превид на службите на Основниот кривичен суд Скопје.

Мијалков може да се спаси од казна во „Титаник 2“
На ексдиректорот на УБК по вторпат му се суди во судскиот процес „Титаник 2“, кој се однесува на договарање за гласање во ДИК во врска со приговор на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013 година. Покрај Мијалков, обвинети се и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и поранешните членови на ДИК – Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
Повторната судска постапка следува откако Апелацискиот суд во Скопје ја укина првостепената пресуда со која Мијалков доби 3 години затвор, Мендух Тачи 3 години и 2 месеци, а затворски казни добија и другите обвинети, поранешни членови на ДИК.
Сите се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувања, освен Мијалков, кој се гони за примање награда за противзакинито влијание.
За ова дело во април 2023 година ќе настапи застарување. Судењето сега е во доказна постапка, останува да се испитаат уште неколку сведоци, меѓутоа и во случај да се донесе првостепена пресуда во Кривичен, прашање е колку Апелација ќе успее да донесе одлука по евентуалните жалби ако се земе предвид долготрајноста на постапките пред второстепениот суд.